Вчера вечер, на Меѓународниот ден на борба против гладта, во спомен на сите гладни убиени души во логорите на смртта и концентрационите логори , во Меморијалниот центар на холокаустот, свечано беше отворена изложбата „Мириса на пандишпан“ – сефардската кујна на Евреите од Македонија од населување до денес.
Изложба покажува што јаделе Евреите во минатото, што јадат во денешно време и зошто.
На отворањето на присутните им се обрати главниот извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо кој се осврна на историското минато на сефардите и нивното прилагодување во многу сегменти во секојдневието.
„Тие не само што го зачувавале својот културен идентитет, туку и ја адаптирале храната што веќе ја знаеле и сакале, трансформирајки ја сефардската кујна во мозаик од вкусови, комбинирајќи ги вкусовите од Шпанија со вкусовите на земјите каде се населиле и пуштиле корен, вклучувајќи ја и Македонија“– истакна Садикаријо.
Авторот на изложбата м-р Жаклина Мучева во своето обраќање го откри значењето на името на изложбата, објаснувајќи го терминот „пандишпан“ и даде детално објаснување за содржината и елементите кои ја сочинуваат концепцијата на „Мириса на пандишпан“.
„Оваа изложба покажува што јаделе Евреите во минатото, што јадат во денешно време и зошто. На паноата ќе прочитате за празниците и ќе научите по еден традиционален рецепт за соодветниот празник. Со задоволство ви го презентираме празникот Пасха или Песах преку сервираната маса за седер вечерата. На масата освен специфичната храна само за тој празник, изложени се и пропратните сегменти за празничната трпеза (прибор за јадење, чаршафи, чаши за вино, мацес – бесквасен леб, Хагада – книга која се чита на седер вечерата). Неизоставни елементи за празникот Шабат се поставени на старо масиче кое го користеле нашите предци. Сочуваните тетратки со сефардски рецепти, предмети од кујните и домаќинствата на семејствата од Еврејската заедница во Македонија се големото богатство на оваа изложба“ – образложи Мучева.
Посетителите имаа можност да вкусат специфични јадења подготвени од вредните членки на женската секција ИША (жена) од Еврејската заедница во Македонија, а за да остане ова уникатно сефардско патување на вкусови запаметено добија каталог во кои се запишани многу интересни нешта поврзани со исхраната на Евреите сефарди.
Фото: Маја Јаневска Илиева