Заврши тродневниот семинар за професионален развој на едукатори од Македонија и Германија на тема : „Справување со антисемитските стереотипи: животот и историјата на Евреите од Балканот “, во организација на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Центропа (Centropa).
Во програмските активности наставниците имаа можност да го проследат предавањето на проф. д-р Мишо Докмановиќ – Антисемитизам: значење, историја, факти и примери. Гледаа филмови на Центропа од кои произлегоа презентации за примена на филмот во наставата, проследија презентација за примената на дигиталните алатки во наставата.
Учесниците имаа можност да ја погледнат и постојаната поставка во Меморијалниот центар на холокаустот, ново отворената изложба „Мириса на пандишпан“ , а ги посетија Еврејската заедница и Монополот, местото од каде беа депортирани Евреите од Македонија. Во синагогата Бет Јаков беше одржана работилница од Мина Пашалиќ за еврејската култура и традиција.
Учесниците работеа во групи и изработуваа наставен план за примена на филмот во наставата. Секоја група го презентираше сработеното, се разменија искуства од практичната работа и секако контакти за да можат во иднина да соработуваат и креираат заеднички проекти.
Семинарот финансиски го поддржаа Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Центропа (Centropa), Американската амбасада во Скопје, Австриската амбасада во Скопје и канцаларијата за надворешни работи на Германија.