На 11 ноември во просториите на Здружение на слепи Струмица, гостуваше изложбата „Еден час“ која оваа календарска година е патувачка. Беа поставени 10 паноа. На секое пано има тактилна слика за музејски експонат од Меморијалниот центар на холокаустот, проследена со опис на Брајово писмо. На паноата има и фотографија и текст за сите оние што можат да ги видат, а се придружници на лицата за кои е наменета оваа изложба.
Низ дискусија, прашања и лични искуства зборувавме за историјата, културата и традицијата на Евреите во светот и кај нас.
Оние за кои беше наменета изложбата со внимание ја проследија, а во иднина се добредојдени гости на нашиот Меморијален центар на холокаустот. Останавме да се дружиме повеќе еден час.
Голема благодарност до претседателот Горан Мицев и секретарката Соња Велкова од Здружението на слепи лица на Струмица кои го овозможија гостувањето на изложбата.
Целта на овој проект е зголемување на инклузијата и доближување на еврејското културно наследство до слепите и лицата со оштетен вид.
Изложбата е сопственост на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а проектот патувачка изложба е финансиски поддржан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.