Конференцијата Ванзе (Wannseekonferenz) на нацистичките службеници е одржана на 20 јануари 1942 година во Гросер Ванзе, предградие на Берлин, со цел да се постигне „конечно решение за еврејското прашање“.
На конференцијата учествуваа 15 високи нацистички старешини. Состанокот го водеше Рајнхард Хајдрих, лидер на СС и Гестапо. Исто така, присуствуваше и Адолф Ајхман, шеф на одделот за еврејски работи во Централниот штаб за безбедност во Рајхот. Идејата за депортирање на Евреите од Европа во Мадагаскар беше отфрлена како непрактична. Резултатот од оваа средба е договор сите Евреи да бидат собрани и интернирани на Исток, а потоа да бидат организирани во работни групи. Терминот „истребување“ не е експлицитно наведен во извештајот за состанокот, но неколку месеци по конференцијата, првите гасни комори беа направени во Аушвиц и Треблинка.
Во јули 1941 година, Херман Горинг му нареди на Хајдрих да подготви план за конечно решавање на еврејското прашање. Хајдрих го разработи, и се смета дека тоа е ненадминато, злосторство на ликвидација и истребување на еврејскиот народ во Европа и во светот. Целите на овој план беа:
• протерување на Евреите од местата каде живее германскиот народ
• протерување од одредени области од витални интереси на германскиот народ
Поради неопходната соработка на другите институции на нацистичкиот апарат, Хајдрих свика конференција во вилата во Ванзе со лидерите на институциите потребни за овој проект. Иако не е воден од идеализам како другите, Хајдрих, како водач на конференцијата, успеа да ги отстрани сите сомнежи и со тоа да добие поддршка од сите институции.
Многумина сметаат дека на 20 јануари 1942 година не се почна со организирано масовно убиство на Евреите. Во месеците пред Ванзи-конференцијата биле убиени - најчесто стрелани - половина милион Евреи, а меѓу нив жени и деца, посебно во областите на Советскиот Сојуз, која германскиот Вермахт ја окупирал во текот на летото 1941 година.
Адолф Ајхман, главниот соработник на Хајдрих и учесник за време на конференцијата, многу години подоцна, отворено признал. После неговото спектакуларно киднапирање во Аргентина, кое било спроведено од израелските тајни служби, на судењето во Ерусалим во 1961 година, на прашањето за тоа што се разговарало во вилата, тој изјавил: „Беа земени во предвид различни форми на убивање“.