Еврејските заедници во Македонија


Уште од доселувањето на сефардските Евреи на просторот на Македонија од крајот на XV век, главно во поголемите градови Скопје, Битола и Штип, ги основале своите еврејски заедници, а за нивната дејност дознаваме уште од најраните записи т.н. responzi, односно рабински толкувања за одредени проблеми во заедницата, дознаваме за начинот на живот, културата, условите во кои живееле, како и односите помеѓу самите членови во заедницата, така и надвор од неа.

Според пишувањата на Жамила Колономос responzite биле извор на норми и правила за однесување во општеството, а во нив се среќаваат и податоци за здружени облици на трговија, никулци на меѓународна трговија, развиток на манифактура, како и поединечни прашања како конкуренција помеѓу трговците, сиромаштија, казнени одредби, проблеми со корупција во Османлиската власт и тн. Во овој период со еврејските општини раководеле рабини кои имале доминантно влијание врз сите сегменти на целокупнит еврејски живот. Самите еврејски заедници биле автономни, не биле раководени од еден центар што довело до индивидуален развој на секоја од нив.  Рабините биле одговорни за решавање на споровите помеѓу Евреите во заедницата и не одобрувале решавање на проблемите пред османлиските судови.

Во XVI и XVII век со константното зголемување на еврејските заедници, покрај оформување на синагоги и училишта чија примарна цел била верска наобразба и едукација се формирале и културни и хуманитарни организации кои дополнително придонесувале и ја потпомагале еврејската заедница. Воедно, преку оваа дејност се воспоставувале културни и економски врски со останатото население.

            Преку разни записи и пишани документи дознаваме за постоење на облик на фондација на еврејската заедница, односно добротворно друштво „Хевра Кадиша“ кое егзистирало во Скопје уште во втората половина на XVII век.

Организираното делување на еврејските заедници, како и поволната „клима“ односно доброто нивно прифаќање во општеството довело до зголемување на еврејското населние, па така според еден попис од 1890 година во Битола живееле околу 4000 Евреи, во Скопје 1200, во Штип - 350, Велес - 220, Дојран - 225, Прилеп - 100 и во Охрид 50 Евреи.

Покрај верската дејност Еврејските заедници низ годините во своето работење биле задолжени и за водење на регистри за своите членови, односно матични книги на родени, умрени и венчани. Покрај тоа, се грижеле и за заштита на правата и интересите на членовите пред државните органи.

Во рамки на надлежноста на еврејските заедници било и работењето и одржувањето на синагогите и еврејските училиштата во Битола, Скопје и Штип. 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN