Скопски еврејски друштва


Скопската еврејска општина опстојувала од сопствени средства, се грижела за облеката и огревот на сиромашните, за храна за сирачињата и вдовиците, за мираз на сиромашните девојки за мажење. Филантропските организации биле многубројни и со задоволство се огласувале на повиците за давање прилози. Освен организациите „Матанот лаевјоним“ (подароци за сиромашните), народна кујна за еврејските ученици, „Бикур Холим“ (посета на болните) кое во Скопје обезбедувало лекарски услуги и „Хевра Кадиша“ (друштво кое се грижело за погребувањето), на доброволна основа работеле повеќе здруженија и друштва.

Веднаш по Првата светска војна се состанале неколку видни граѓани при што било решено да се формира ,,Клуб на скопјанските Евреи‘‘ кој добил одобрување од окружниот началник во 1920 година. „Ел Клуб“ ( Клубот на скопските Евреи) било хуманитарно здружение на стопанственици. Тие материјално ги помагале сиромашните. Делеле прехрамбени продукти, дрва за огрев и облека за децата. За учениците набавувале книги и училишни материјали.

„Самопомош“ била организација на средношколци кои им помагале на посиромашните другарчиња. За нив набавувале книги и прибор, а се организирале и заеднички посети на кино и театар.

На почетокот на 1919 година во Скопје било основано младинското друштво ,,Техијат Исраел‘‘ (Израелска преродба). Основач бил Давид бен Јаков Хасон, ционистички активист кој бил омилен кај младината. „Техијат Исраел“ ја собрало околу себе сета скопска младина од 14 години нагоре, но наскоро морале да ги прекинат сите активности затоа што раководството на заедницата не прифаќало заеднички активности на момчиња и девојчиња. Набрзо потоа, во Скопје биле основани две младински фудбалски екипи, ,,Жаботински‘‘ и ,,Есперанса‘‘ кои се фузирале во групата ,,Бене Исраел‘‘. ,,Бене Исраел‘‘ освен против локалните младински тимови, играле и на меѓународни натпревари. Девојчињата биле во рамките на спортската секција на друштвото ,,Макаби‘‘.

Иако жените биле посветени на домот и подигнувањето на децата, тие во 1923 година се организирале во Еврејско женско друштво што било филијала на WIZO (Women International Zionist Organization) односно Женска меѓународна ционистичка организација.

Гордост на скопската младина била и драмската секција. Нивните претстави биле толку квалитетни што Скопскиот народен театар им ја отстапувал својата сала. Драмската секција била повикана во белградскиот ,,Мањеж‘‘, каде што на 9.1.1924 година ја играла Лориевата претстава ,,Драјфус‘‘, во режија на Ахарон Насон. Јазикот на претставата бил џудезмо.

Во 1926 година еврејските средношколци го формирале литературното друштво ,,Гидеон‘‘. Тие се состанувале еднаш неделно во просториите на еврејското училиште и читале дела на еврејски автори, но и свои состави.

,,Ел хор гранде‘‘- Еврејско пејачко друштво било формирано во Скопје во 1929 година. Веќе истата година во хорот имало 50 членови. Тоа изведувало концерти и учествувало на натпревари каде постигнувало големи успеси. Диригент на хорот бил Стеван Шијачки, а негов заменик и корепетитор младиот и талентиран математичар и челист Моше- Моис Хасон. Паралелно со големиот хор, основан е ,,Ел хор чико‘‘, составен од момчиња гимназијалци. Со хорот раководел Моис Хасон. Овој мал хор настапувал по разни поводи. На иницијатива на вероучителот Јосеф Битран, хорот прераснал во Пејачко друштво „Бјалик“. Друштвото имало свој правилник, а во него можеле да членуваат и девојчиња-ученички. „Бјалик“ било активно и имало 40 пејачи. Од сопствени средства купувале прибор за пишување и умножување на ноти. Диригент бил Моис Хасон, а заменик Ирма Кастро.

Младинското ционистичко здружение настанало во 1930 година со соединување на ,,Бене Израел‘‘, ,,Есперанса‘‘ и ,,Гидеон‘‘. Ним им се приклучил и „Бјалик“ чии простории му биле отстапени на новото здружение. Најмлади и најактивни биле средношколците од „Гидеон“. Во фудбалот немало квалитетен подмладок и затоа фудбалскиот клуб Есперанса бил затворен. Средношколците играле пинг-понг и шах.

Во соработка со интелектуалците од загребската еврејска заедница, младината во Скопје се повеќе навлегувала во политичките и други проблеми врзани со еврејството. Од таа соработка се развива и масовно движење, кое најповеќе ја опфаќала средношколската младина. Најголем дел од младите се определиле за „Хашомер хацаир“ наречен „Млад стражар“. На многубројните средношколци им се објаснувала синтезата на ционизмот и социјализмот. Тоа движење немало само политички карактер, туку и културно ја препородило еврејската младина во Скопје.

Во мај 1932 година во Битола била одржана конференција и била донесена одлука скопските Евреи да се приклучат во „Хашомер хацаир“.

Во своето сведоштво Даниел Сасон, роден 1922 година во Скопје, вели: ,,Хашомер Хацаир за мене беше голема работа. Направија од мене човек со идеал да работи за татковината. Земјата Израел беше се за нас.‘

Еврејските организации меѓу двете светски војни, нивното делување во различни области од општесвениот живот, организирањето на младината, западната прогресивна мисла и креативноста, оставиле траен белег на Скопје.

 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN