Еврејската заедница во Штип меѓу двете светски војни и покрај сите политички и економски тешкотии, успевала да обезбеди сигурен живот за своето членство и да организира богат општествен живот. Во текот на долгите зимски вечери било обичај луѓето да се собираат по куќите ,, a pasar la ora‘‘ што во превод значи ,,да мине времето‘‘. Едно од собиралиштата бил и еврејскиот клуб, но поради недостаток на простор овој клуб повеќе служел за разговори на актуелни општествени теми.
Во рамките на еврејската заедница во Штип делувале неколку организации. Една од нив е ,,Socjeta de las mudjeres‘‘ (членувале Еврејки) која била повеќе насочена кон давање помош на сиромашните Евреи.
Младиот и талентиран Бесалел Симантов Асаел, успешен трговец и еден од носителите на ционистичкото движење меѓу Евреите во Штип, од 1925 до 1930 година, успеал да покрене голема иницијатива за организирање на еврејската младина. Тој ја организирал младинската драмска секција, која за кус период подготвила и извела неколку театарски претстави на ладино јазик кои биле играни во тогашниот хотел ,,Гранд‘‘. Посебен интерес предизвикале драмските дела ,,Животот на Евреите во царска Русија‘‘ и ,,Животот на кралицата Естер‘‘.
Во 1929 година бил формиран и еврејски младински хор, а Бесалел бил негов организатор. Во него членувале речиси сите младинци Евреи. Хорот со својот богат репертоар, заедно со драмската секција гостувал во повеќе градови во Македонија.
Истата година Асаел го основал и младинскиот фудбалски клуб под името ,,Хакоах‘‘, чии дресови биле сино бели. Капитен и центархалф на тимот бил Исак Барух Леви, трговец со кожа. Тимот на ,,Хакоах‘‘ често играл со тимот на штипска ,,Брегалница‘‘.
Извесен број активисти, заедно со Бесалел, собирале парични прилози за ,,Keren Kajemet‘‘ ( Израелска организација за обнова и помош во школувањето на еврејските деца) и ,,Keren Hajesod“ ( Фонд основан на Светскиот ционистички конгрес во Лондон, 1920 г.кој имал за цел да обезбеди средства за ционистичкото движење). Скоро секоја еврејска куќа во тоа време имала сина касичка за ситни прилози за тие фондови.
Во 1937-1938 година било формирано друштвото ,,Хашомер хацаир‘‘(млада гарда). Во пресрет на Втората светска војна броело 30 младинци и младинки. Просториите на кенот (клубот) биле во приземјето на помошната синагога. Раководител на кенот се до заминувањето на студии во Љубљана, бил Аврахам –Алберто Барух. Тој заедно со неколкумина младинци учествувал на хашомерските логорувања.
Младите Евреи, работници од Штип не биле дел од ,,Хашомер хацаир‘‘ и се чувствувале запоставено. Кога организацијата ,,Техелет леван‘‘ (сино бело) во 1935 година пратила свои претставници во градовите во Македонија, оваа младина масовно се зачленувала во оваа организација. Во Штип, на чело на малиот кен, кој броел 15 члена, бил Шмуел Јаков Коен.
Сите членови на ,, Хашомер хацаир‘‘ и ,,Техелет леван‘‘, веднаш по окупацијата се приклучиле на Народноослободителното движење.