Образованито кај Евреите


Според законите на Тората, родителот бил должен да ги подучува синовите на писменост, онака како што и него го учеле неговите. Прогонетите Евреи од Шпанија и од Португалија, ја продолжиле традицијата и под османлиска власт. И на овие простори еврејската заедница се грижела да им овозможи барем основно школување на сите општествени слоеви, но (во тоа време) само на машките деца. Немало еврејска заедница што немала барем едно училиште наречено Талмуд Тора, а ја посетувале деца од трета- четврта година и учеле читање, пишување, подоцна и објаснување на текстот и на основните поими од другите предмети. Женските деца не добивале формално образование, но ги познавале молитвите, законите, обичаите и прописите на еврејството. Искуствата од семејниот живот се пренесувале од мајка на ќерка.

Учителите биле плаќани од буџетот на еврејската заедница. За жал паричниот надомест бил мал и не можел да им обезбеди средства ниту за минималните животни потреби, па морале да се занимаваат со дополнителна работа, пишувајќи разни договори, корици за Тора, молитвеници и сл. Учителите многу често морале да се занимаваат и со трговија и со занаети за да ги прехранат своите многудетни семејства. Во Македонија немало жени во улога на учителки, освен госпоѓа Оро која во 1672 година се занимавала со образование на предучилишни деца.

Во 1689 година изгорело училиштето Талмуд Тора. Во 1892 година, наспроти протестите на бугарското свештенство, Турците отвориле српско основно училиште во Скопје. Три години подоцна, во 1895 година, турската власт дозволила отворање на еврејско училиште за момчиња, а во 1903 година отвориле училиште и за девојчиња, па и тие почнале да добиваат формално образование. Во 1905 година овие две училишта биле под директна контрола на Alliance Israelite Universalle, првата меѓународна еврејска организација на новото време основана во Париз 1860 година. Целта на организацијата била на сефардските Евреи да им овозможи западно образование и култура. Училиштата на оваа организација немале никаква врска со училиштата на Талмуд Тора. Хахамите (мудреците) и учителите од стариот ков не биле благонаклонети кон училиштата на Алијансата, биле сомничави во однос на „модерните влијанија на детската душа“.

Во 1902 година во Скопје живееле 1 200 Евреи, а во основното училиште на Алијансата учеле 137 еврејски деца, од кои 30 бесплатно поради тешката економска состојба на родителите. Сиромашните деца имале право на бесплатно образование и бесплатни ужини. Училиштето се издржувало од школарината на децата, од буџетот на Скопската еврејска општина и од локалните добротвори, но главниот финансиер бил Alliance Israelite Universalle.

Наставен јазик во училиштето на Алијансата бил францускиот (12 часа неделно), а се учеле и хебрејски, грчки и турски. Учениците ги имале предметите: географија, аритметика, историја, природни науки, современа еврејска историја. Девојчињата ги учеле овие предмети и уште еден повеќе, шиење и везење. Сиромашните деца учеле занает за да можат да се издржуваат од него. Кога ќе наполнеле 12 години биле распоредувани по разни занаетчиски работилници, а навечер го посетувале училиштето на Алијансата и ги учеле истите предмети како и останатите ученици. По четири години овие ученици добивале диплома и сресдства за купување алати.

Талмуд Тора училиштата и натаму постоеле, но постепено се менувале под влијание на Алијансата.

По балканските војни, во 1913 година училиштата на Алијансата ги посетувале 320 ученици и 172 ученички. Тоа била првата генерација која учела на српски јазик. Освен во Скопје училишта на Alliance Israelite Universalle имало во Битола (отворено 1895г.) и во Штип (отворено 1910г.).

Првата светска војна ја прекинала дејноста на Alliance Israelite Universalle. На училиштата на Алијансата може да им се заблагодари за образованието на Евреите. Во споредба со муслиманското и со христијанското население, процентот на Евреи - аналфабети бил многу мал.

Помеѓу двете светски војни на територијата на Кралството Југославија било воведено образование од 4 одделенија (основно) и од 8 одделенија (средно училиште). Многу еврејски семејства, особено во Битола и во Штип не биле во состојба да ги школуваат своите деца, кои штом малку ќе праснеле помагале во сите видови работа. Дури и оние кои посетувале училиште со големи жртви на родителите, немале услови солидно да се образуваат, па затоа не покажувале особен успех. Децата учеле во српски училишта. Во 1919 година во Скопје било отворено спрско- еврејско приватно училиште, со подготвително одделение, бидејќи учениците не го владееле државниот јазик. Ова училиште било под надзор на Министерството за образование. Училиштето било наспроти храмот „Ел кал де абашо“. Во доцните триесетти години Евреите се приспособиле кон условите на животот. Српскиот јазик се повеќе се зборувал во еврејските домови, родителите го учеле од своите деца, а тие одбивале да зборуваат џудезмо, дури и се срамеле од него бидејќи чуствувале дека тој јазик им е пречка за напредување во училиштето и животот. Богатите ги праќале своите деца на виши школи и универзитети и почнал да се создава слој на „домашни“ интелектуалци. Често се случувало семејството да гладува, но еден од синовите се праќал на универзитет.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN