Почетоци на Холокаустот


Со зборот холокауст се означува геноцидот над Евреите во нацистичка Германија и во земјите кои биле под нејзина окупација и влијание за време на Втората светска војна, во која биле убиени 6.000.000 луѓе, најмногу во концентрационите логори.

Иако Хитлер својата нетрпеливост кон Евреите ја манифестирал уште во дваесетитте години на 20 век, неговата омраза дошла до израз кога станал канцелар на Германија. Според мислењето на Хитлер, единствената цел на државата била да го заштити биолошки чисто своето население, да го подигне нивото на свест за расата и да се организира за одбрана од другите нации кои ги загрозуваат нејзините витални интереси. Негерманците по дефиниција не можеле да станат полноправни членови на хитлеровата германска држава и нација. Тој очекувал дека целиот живот и тенденција на еден народ треба да бидат посветени на потврдување на сопствените национални вредности на сметка на другите култури. Односот помеѓу германскиот национализам и еврејскиот идентитет е најважен за разбирање на подоцнежните одлуки кои довеле до геноцид. Некои антисемитски чувства во Германија биле третирани само како обични предрасуди -христијанската осуда на Христовите убијци, зависта поради професионалниот успех на еврејските интелектуалци и културните работници и нетрпеливоста кон еврејските мали бизниси. За Хитлер и илјадници антисемити од партијата и надвор од неа, конфликтот меѓу Германците и Евреите бил неизбежна борба за надмоќ меѓу елеметарните сили на светлината и темнината.

Во првите години од режимот, заедницата ја дефинрало специфично законодавство кое пропишувало кој е, а кој не е чист Германец. Првиот закон, објавен на 14 јули 1933 година, бил закон за поништување на натурализацијата и одземање на германското државјанство. Мета биле Евреите. Набргу откако ја презеле власта во Германија во 1933 година, нацистите започнале да ја остваруваат една од главните задачи, а тоа било искоренување на Евреите од политичкиот, економскиот и културниот сегмент од државата. Парадоксално е тоа што еврејскиот идентитет зајакнал во текот на 30-тите години на 20 век. Сите протерувања и антиеврејска пропаганда влијаела на тоа еврејските култура и образование да се развиваат.

Првобитната Расна канцеларија на СС била основана 1932 година, а во ноември 1933 канцеларијата се преселила од Минхен во Берлин каде била прекрстена во Главна канцеларија за раса и населување на чело со Walther Darré. Втората светска војна му овозможила на СС неочекувана можност да го оствари поимот за нација и раса. Хитлер на 7 ноември 1939 година го именувал Химлер за комесар на рајхот за заштита на германската раса, а една година подоцна Химлер го воспоставил Германскиот расен регистар како прв чекор за идентификација на секој кој ги исполнувал условите за вистински Германец по крв, а не според културата и јазикот. Антиеврејската пропаганда била водена преку радијата и весниците, но и на факултетите каде имало посебни предмети на кои се учело за расите. Веќе во 1933 година почнал прогонот на Евреите кои биле протерани од сите сфери на јавниот живот. Во текот на 1934 година кампањата продолжила и имало случаи и на физчко наследство. Економските мерки против Евреите, како и насилството, принудиле многу Евреи да се иселуваат. Биле донесени голем број антиеврејски закони, а врв на се биле Нирнбершките закони. Рајхстагот на 15 септември 1935 година се состанал на посебна седница во Нирнберг на која одобрил два закони: првиот закон за Заштита на германската крв и чест, а другиот бил Законот за државјанствата. Било забрането да се склучуваат бракови меѓу Германци и Евреи, а забраната се однесувала и на вонбрачните сексуални врски за да се зачува ,,чистата германска крв‘‘. Со вториот закон се одобрувало државјанство само на оние со ,,германска или сродна крв‘‘ се додека се подготвени за да му служат на германскиот Рајх. На 14 ноември 1935 година бил издаден дополнителен декрет на законот со кој на Евреите и на Ромите им било забрането да бидат државјани на Рајхот и да работат во јавните служби. Во другиот дел од тој декрет било одредено кој е припадник на еврејската ,,раса‘‘. Законот пропишувал дека ,,Евреин е оној кој имал тројца дедовци и баби Евреи‘‘.

Законот за заштита на германската крв и чест ги регулирал односите меѓу Евреите и Ариевсците. Со тој закон бил забранет брак меѓу Евреите и Германците. Со овој закон биле прогласени за неважечки сите претходно склучени бракови меѓу Евреите и Ариевците. За прекршителите на членовите од овој закон биле пропишани затворки казни, присилна работа и парични казни. Нирнбершките закони од Евреите направиле субјекти и ги легализирале мерките насочени против нив. Во наредните неколку години со дополнителни 13 декрети, Евреите биле поставени вон законите. Им било оневозможено да набавуваат и основни животни продукти, да посетуваат хотели и дуќани, многу градови, па дури и паркови и шуми. Но, сето ова било ,,благо‘‘ во однос на она што подоцна се случило.

 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN