Јом Хашоа


Јом Хашоа (27 нисан по еврејскиот календар) e национален комеморативен ден во Израел. Секаде во светот овој ден се одбележува во сеќавање на востанието на Евреите во Варшавското гето во 1943 година и како комеморативен ден на шест милиони Евреи убиени во холокаустот.
И оваа година, Јом Хашоа се одбележува во специфично време. Втора година по ред, овој ден не се комеморира во јавност. Се наоѓаме во ситуација во која сме приморани физички да го задржиме растојанието едни од други, но во нашите срца и умови единството и заедништвото се многу посилни.
Фондот на холокасутот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница и оваа година, без присуство на јавноста го одбележаа ЈОМ ХАШОА. Претставник од Еврејската заедница, Давид Садикаријо, ги запали шесте меморијални свеќи во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, со ветување кон жртвите и преживеаните дека тие никогаш нема да бидат заборавени и дека нивното наследство ќе се одржува во вечна меморија.
Глобалната пандемија што ја доживуваме повикува на посилна солидарност и соработка низ целиот свет. Потребно е обединување, да го вратиме достоинството и мирот во секој од нас, да работиме и да создаваме за нашата заедничка иднина во која антисемитизмот и омразата ќе бидат непознаница. Да го најдеме во нас спокојот и сигурноста. Притисоците и поделбите да ги замениме со взаемна почит, вистински соживот и враќање на вербата во луѓето. Еврејските заедници во светот да бидат место за негување на еврејската култура и традиција, а спомениците и меморијалните центри да потсетуваат на злото кое нема да дозволиме да се повтори. Да ги научиме генерациите на вистинските вредности и принципи, да научат и запомнат дека треба да ги негуваат соживотот, почитта и меѓусебната соработка, без разлика кој на која нација или релегија припаѓаат.
Вечна им слава

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN