На 23 септември, на Меѓународниот ден на знаковниот јазик, во просториите на Здружението на слепи и слабовидни лица – Прилеп гостуваше изложбата „Еден час“ која оваа календарска година е патувачка. Беа поставени 10 паноа. На секое пано има тактилна слика за музејски експонат од Меморијалниот центар на холокаустот, проследена со опис на Брајово писмо. На паноата има и фотографија и текст за сите оние што можат да ги видат, а се придружници на лицата за кои е наменета оваа изложба.
Со топло добредојде бевме пречекани и во просториите на Здружението на слепи лица во Битола. Низ дискусија, прашања и лични искуства зборувавме за историјата, културата и традицијата на Евреите во светот и кај нас.
Оние за кои беше наменета изложбата со внимание ја проследија и се договоривме дека следната наша средба ќе биде во Меморијалниот центар.
Голема благодарност до претседателот Благој Мишовски и секретарот Љубен Спироски од Здружението на слепи лица на Прилеп кои го овозможија гостувањето на изложбата.
Благодарност и до Лилјана Наумовска Корлевска – секретар и Драгче Брдаровски- претседател од Здружението во Битола кои ги организираа членовите на нивнотот здружение и ги подготвија просториите за тактилната изложба „Еден час“.
Целта на овој проект е зголемување на инклузијата и доближување на еврејското културно наследство до слепите и лицата со оштетен вид.
Изложбата е сопственост на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а проектот патувачка изложба е финансиски поддржан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.