БЕНЈАМИН БЕНО РУСО (КОКИ)


Бенјамин Бено Русо – Коки е роден на 20 јануари 1920 година во Битола, како второ од трите деца на Исак Русо и Вида Леви. Основно училиште завршил во Табане маало во Битола, а потоа се запишал и во битолската гимназија. Во овој период Бено почнал да работи во пушкарско-механичарската работилница на Марко Ласиќ во Битола. Напредувал од чирак до калфа. Паралелно во овој период тој почнал активно да се вклучува во организацијата „Хашомер хацаир“ – млада гарда, левичарска ционистичка организација која делувала за образовно-воспитно, културно и спортско издигнување на еврејската младина во Битола. Најголем дел од овие активности се реализирале во младинскиот дом на организацијата, лоциран во еврејското маало во градот. Како што подоцна ќе истакне Бено Русо, престојот во овој младински дом било негово дополнително училиште. Следејќи ги стапките на неговиот постар брат Дарио кој уште во 1933 година се запишал во Воздухополовната подофицерска школа во Нови Сад, Бено Русо имал два неуспешни обиди за запишување во воена школа, најпрво во подофицерското хидро-авиатичарско училиште во Сплит, а потоа и во монарско-машинско подофицерско училиште во Шибеник. Во периодот кога починал неговиот таткото во 1937 година, се зголемува решителноста на Бено да ја напушти Битола и заминал кај неговиот братучед Моис Леви во Загреб. Таму воспоставил контакти со централата на организацијата „Хашомер Хацаир“ од каде бил упатен во кампот Хахшари (пионерски камп) во Нови Сад каде што се усовршувале разни занимања и занаети. Останал во кампот до 1939 година по што заминал на отслужување на воен рок во Нови Сад. Капитулацијата на Кралството Југославија го затекнала во Сараево, по што се вратил во родната Битола. Лишени од месечната помош која им ја испраќал најстариот брат Дарио, за кој не се знаело каде е, семејството живеело со минимален приход кој го остварувала нивната мајка како шивачка. По окупацијата на Македонија во април 1941 година, Бено Русо како и многу други млади Евреи станал член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија СКОЈ, а во август истата година и член на КПЈ и го добил конспиратвното име Коки. Тој бил дел од илегална ќелија од седум членови–занаетчиски работници, а паралелно продолжил да работи и во пушкарско механичарската работилница. Како дел од КПЈ бил активиран во складирање и собирање оружје, парични средства и агитација помеѓу младите и работниците. Во мај и јуни 1942 година Бено два пати бил апсен од бугарската полиција во Битола, но поради недоволно докази по неколку неделен престој во затвор бил ослободен. Во овој период Бено бил секретар на градскиот комитет со кого раководел Стив Наумов. Во септември 1942 година Бено Русо заедно со неговите другари Нисим Алба и Арон Ароести се упатиле кон селото Лавци, каде подоцна на 18 септември истата година биле дел од формирањето на партизанскиот одред „Јане Сандански“. Бено бил назначен за заменик политички комесар. По неколку успешни и неуспешни акции, одредот добил задача да се упати во правец на Кајмакчалан каде требало да се поврзе со прилепските партизански одреди. Во март 1943 година дошло до обединување на партизанските одреди „Јане Сандански“ кој бил битолски одред и „Даме Груев“ кој бил битолско-преспански одред. Кон новоформираниот одред кој броел околу 40тина борци се приклучиле и Алберт Русо, Соломон и Сами Садикарио и Алберт Касорла. Новоформираниот одред се упатил кон планината Вич во Егејска Македонија каде се сретнале и со останатите одреди и изготвиле план за понатамошно делување. Во јули 1943 година Бено престојувал во слободната територија на Дебарца, а на 18 август на Славеј Планина бил учесник во формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ како политички комесар на првата чета. Кон крајот на 1943 година бригадите се преместиле на теренот околу Фуштани Мегленско, Егејска Македонија каде што на 20 декември истата година била формирана Втората македонска народно-ослободителна бригада во која Бено бил назначен за старешина на Прилепскиот партизански одред. Во Фуштани останале се до февруари 1944 година кога го започнале т.н. Февруарски поход. На 12 јуни 1944 година во една од акциите кај селото Стрмашево во вооружен судир со бугарската специјална полициска единица Бено бил полесно ранет во десната нога. Од септември до ноември 1944 година тој учествувал во завршните операции за ослободување на Прилеп и прилепско, а подоцна и во Кичево, Гостивар и Тетово. Со наредба на Главниот штаб Бено бил поставен за политички комесар на Петнаесеттиот корпус кој учествувал во завршните операции за ослободување на Југославија. Во почетокот на јануари 1945 година Петнаесеттиот корпус во чиј состав бил и Бено заминал кон Сремскиот фронт каде учествувал во борбата. По војната Бено Русо најпрво го довршил гимназиското образование, а во 1946 година се оженил со Роза Камхи со која добиле три деца. Кон крајот на 40тите години од XX век завршил и висока политичко економска школа, а во периодот 1951-52 и виша воена академија. Во 1960 година бил унапреден во Генерал мајор во ЈНА, а потоа и во Генерал потполковник каде што останал активно да работи до 1970 година, по што бил и началник на територијалната одбраната. По неговото пензионирање бил активен во Сојузот на резервни старешини на Македонија како и Сојузот на борци на Македонија. Бено Русо починал во 2006 година во Скопје. За своето учество во борбите против окупаториte Бено Русо бил одликуван со:  Партизанска споменица 1941  Орден на воено знаме 1954 година (I по значење)  Орден за воени заслуги (I ред)  Орден Југословенско знаме со лента 1980 година (II по значење)  Орден Братство и единство I ред добиен 1946 година (III по значење)  Орден на Народната армија II ред добиен 1956 година (VI по значење)  Орден за воени заслуги со голема ѕвезда  Орден партизанска ѕвезда со сребрен венец востановен 1943 година  Орден за храброст востановен 1943 година  Орден заслуги за народот со златна/сребрена ѕвезда 1945 година  Јубилеен медал од СССР повод „50 години од победата во големата татковинска војна 1945 година“ (I по значење)  Чехословачки медал по повод 40 години од ослободуванјето на Црвената армија (III по значење)


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN