САЛАМОН САДИКАРИО - МО


Саламон Садикарио – Мо е роден во Битола во 1922 година и потекнува од битолско Еврејско семејство од родители Јосиф и Вида Садикарио. Тој бил едно од седумте деца на семејството Садикарио. Неговиот татко Јосиф имал завршено верско образование, а работел како кожар. Додека пак неговата мајка Вида била домаќинка. Во родниот град завршил основно и средно образование по што активно се вклучил во младинската организација „Хашомер Хацаир“ во Битола. Во 1941 година станал член на Сојузот на комунистичка младина на Југославија СКОЈ, а во 1942 година бил примен за член на Комунистичката партија на Југославија. На 10 март 1943 година непосредно пред депортацијата на Евреите од Битола, Саламон Садикарио, Самуел Садикарио, Алберт Русо и Алберт Касорла се сокриле во домот на Борис Алтипармаков во Битола. По воспоставувањето на сигурна врска со партизанските единици му се приклучиле на партизанскиот одред „Даме Груев“ каде што Саламон го добил конспиративното име Мо. Набрзо по приклучувањето следело соединување на одредите „Јане Сандански“ кој бил битолски одред, и „Даме Груев“ кој бил битолско-преспански одред. Новоформираниот одред кој го задржал името „Даме Груев“ броел околу 40тина борци од кои 12 Евреи. Новоформираниот одред делувал на потегот Лерин, Костур, Воден во Егејска Македонија. На 18 август 1943 година на Славеј Планина на слободната територија Дебарца, Саламон Садикарио - Мо бил учесник во формирањето на првиот македонски баталјон „Мирче Ацев“, каде покрај тоа што бил борец во воената единица исто така ја извршувал и функцијата комесар на втората група. Кон крајот на декември 1943 година Саламон Садикарио како дел од партизанските единици престојувал во селото Фуштани, Мегленско, Егејска Македонија. Заедно со Жамила Колономос како делегати претставници на Евреите учествувале на Првиот конгрес на антифашистичката младина. На овој конгрес Саламон имал свое излагање во врска со улогата на Евреите во движењето на отпорот. Мо бил учесник и во Февруарскиот поход на пат за Козјак и формирањето на Третата македонска ударна бригада. Во почетокот на август 1944 година по првото заседание на АСНОМ, Саламон Садикарио како борец во Третата македонска ударна бригада бил учесник во офанзивата која се одвивала во реонот на Старо Нагоричане и Страцин каде и загинал. Саламон Садикарио - Мо бил погребан во село Арбанашко, а по војната неговите мошти се пренесени во спомен костурницата во Куманово.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN