ЈАКОВ САРАФИЌ


Д-р Јаков Сарафиќ е роден 1905 година во Бања Лука, од мајка Сафира Сарафиќ Сумбул и татко Исидор Сарафиќ Салом. Во потесното семејство биле и неговите браќата Давид, Јосеф и Самуел. Неговите родители се жртви на холокаустот. Мајка му е убиена во концентрациониот логор во Стара Градишка, а татко му во Јасеновац. Медицински факултет завршил 1931 година, во Виена. Во НОВ се приклучил во 1941 година. Учествувал во работата на илегалната здравствена служба во Скопје каде лекувал ранети и болни партизани и испраќал санитетски материјал на партизаните. Здравствениот одбор во Скопје и покрај честите разоткривања и апсења на поедини негови членови, симпатизери на НОВ, функционирал и ги извршувал своите задачи во сите фази на развој на санитетската служба за цело време додека траела војната. Санитетскиот материјал бил собиран на разни начини,а чуван во тајни складишта по приватните куќи. Постоела и мрежа на приватни куќи и станови кои служеле за лекување на повредените партизани од одредот на теренот на Скопска Црна Гора. Лекувањето по приватните домови се одвивало на строго конспиративен начин. Од лекарите кои спроведувале лекување во окупираното Скопје се истакнувале д-р Јаков Сарафиќ и д-р Димитар Миовски. Во 1942 година д-р Јаков Сарафиќ бил откриен од бугарските фашисти и интерниран во Бугарија. По капитулацијата на фашистичка Бугарија, во октомври 1944 година се вратил во Југославија и стапил во НОВ. На заседанието на Антифашистичкото собрание на Македонија е избран за пратеник. Бил на должност шеф на санитетската служба на македонската дивизија на КНОЈ. Починал во 1997 година во Белград.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN