МОРДЕХАЈ (МОРДО) НАХМИЈАС - ЛАЗО
Мордехај (Мордо) Нахмијас-Лазо е роден во 1923 година во Битола, како едно од четирите деца на Сол и Јосеф Гавриел. Еден период од животот семејството Нахмијас живеело во Белград, каде таткото Јосеф Гавриел имал своја антикварница. Уште од најмала возраст Мордехај имал чуство за правда, темперамент и патриотизам. За време на престојот во Белград, Мордехај бил општ работник.
Во 1941 година и капитулацијата на Кралството Југославија, семејството на Мордехај се вратило во родната Битола. Поради тешките околности, семејството останало во тешка финансиска состојба, а самиот Мордехај немал постојана работа. Во овој период бил член на раководството на кенот (кен- клуб, дел од организацијата) на работничката еврејската младинска организација „Техелет Лаван“ во Битола.
Во раскажувањата на Томислав Симјановски, е наведено дека Мордехај ги подучувал малите Еврејчиња во училиштето „Ласколија“ во Битола. Го нарекувале Хахам зашто бил многу мудар. (Хахам или Хакхам е термин во јудаизмот кој значи мудар или вешт човек, особено се однесува на човек кој добро ја познава Тората). Имал долга брада, а некои го сметале за свештено лице зашто помагал при верски обреди, посебно при погреби на Евреи во Битола. Малкумина во тоа време можеле да претпостават дека Хахамот бил врската меѓу градот и партизаните. Тој им помагал на битолчани кои сакале да заминат во партизнаските одреди и да се борат за слобода, а тоа го сторил и со повеќе Евреи. Во 1941 година Мордехај Нахмијас станал член на Комунистичката партија на Југославија, за што имал поддршка од другите членови на неговото семејство кои и самите го помагале Народноослободителното движење. Семејната куќа на Нахмијас во Битола лоцирана на улицата „Војвода Глигор“ број 16, служела како место каде се одржувал тајни состаноци меѓу напредните битолчани и скривалиште на прогонети борци и илегалци од движењето на отпорот, меѓу кои и Стив Наумов, Вера Ацева, Ванчо Прќе и др. Мордехај бил и член на окружниот комитет за Битола кој бил основан во декември 1941 година заедно со Исак Сарфати, Бено Русо, Сарина Песо, Исак Камхи и др.
На 6 јули 1942 година, на планината Бигла, покрај селото Златари бил основан вториот партизански одред по име „Дамјан Груев“, и во оваа група на движењето на отпорот се приклучил и Мордехај Нахмијас, а заедно со него и други еврејски младинци од Битола: Пепо Песо, Мордо Тодолано и др. Овде го добил и партизанскиот прекар- Лазо. Одредот делувал на територијата под италијанска окупација и работел на одржување на состаноци и конференции по селата каде ја објаснувале програмата на движењето на отпорот, како и придобивање на нови борци и формирање на нови воени формации.
Во декември 1943 година Мордехај Нахмијас-Лазо се префрлил во Третата македонска ударна бригада. Според сеќавањето на преживеаните партизани, Мордехај Лазо бил храбар борец и одличен пушко-митралезец.
Бидејќи секој ден се приклучувале нови борци, бригадите и батаљоните претрпеле многу измени. Партизаните Евреи набрзо биле назначени за водачи на новите воени единици. Мордехај Нахмијас Лазо бил именуван за командант на батаљон во состав на Третата бригада.
На 26 август 1944 година била добиена задача да се нападне караула во близина на Кајмакчалан, при што во текот на акцијата загинува Мордехај Нахмијас -Лазо. Во истата битка загинала и Естреја Овадија -Мара и уште пет други борци. По крајот на Втората светска војна Мордехај Нахмијас -Лазо, постхумно е прогласен за херој, а во негова чест во Битола е подигнат споменик.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација