ЕСТРЕЈА (СТЕЛА) ЛЕВИ - ЛЕНА


Естреја Леви е родена 1927 година во Битола, како едно од петте деца на семејството Леви. Нејзинот татко Јосеф бил трговец со ткаенини. Поради финансиски проблеми, во 1934 година, семејството ја напуштило Битола и се преселило во Загреб. По окупацијата на Југославија, семејството Леви се вратило во Битола, а Естреја им се придружила на своите врсници кои биле активни во комунистичката младина во градот. Отпорот во 1942 година бил во подем, а најголем проблем бил да се најдат станови за да се сокријат илегалците и да се одржуваат состаноци. Благодарение на активистите од еврејската заедница, овој проблем бил целосно решен. Илегални состаноци биле одржувани и во станот на Естреја Леви – Лена, симпатизер на КПЈ и членка на СКОЈ. Естреја е една од петте Еврејки кои ја избегнале депортацијата и цел месец, во нечовечки услови, се криеле во дуќанот за тутун на Богоја Сиљановски, се додека не успеале да остварат врска и да им се приклучат на партизаните. Кога дошле меѓу борците од одредот ,, Даме Груев ‘‘, четирите Еврејки биле изнемоштени и одвај стоеле на нозе. Интендантот им дал по една коцка шеќер и им се вратила силата. Оделе на воена обучување со останатите борци и во ништо не заостанувале. Естреја Леви – Лена заедно со нејзините другарки Жамила Колономос – Цвета, Естреја Овадија – Мара и Адела Фараџи – Ката биле првите партизанки, со оружје на рамо и учествувале во сите битки. Бројот на борци се зголемил, па затоа на 20 мај 1943 година, одредот ,, Даме Груев ‘‘ се поделил, односно од него се одделиле одреден број борци кои го сочинувале новоформираниот одред ,, Гоце Делчев ‘‘. Партизаните Евреи биле поделени, а во одредот ,, Гоце Делчев ‘‘ преминала и Естреја Леви - Лена. Дел од Првата македонска ударна бригада, формирана на 11 април 1944 година, па се до крајот на 1944 година, кога е трансформирана за Сремскиот фронт, биле и битолските Евреи: Виктор Мешулам – Бустрик, Бено Русо - Коки, Алберт Касорла- Берто, Естреја Леви – Лена, Алберт Русо – Коте, Ментеш Ишах – Киро, Адела Фраџи – Ката, Алба Нисим – Мики и Жамила Колономос – Цвета. Зголемениот број борци довел до формирање на Седмата бригада, популарно наречена Битолска. Таа била формирана со решение на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија од 03.08.1944 година. Баталјонот ,, Стив Наумов ‘‘ од Третата македонска бригада, добил задача да се префрли на Кожуф, со цел да послужи како јадро на идната бригада. На свечен начин, на 21.08.1944 година, на падините на Кожуф, била формирана Седмата бригада, во чиј строј се наоѓале 400 борци, меѓу кои и Естреја Леви – Лена. На крајот на 1944 година Естреја Леви – Лена била борец во Втората македонска ударна бригада. По војната се сели во Израел.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN