ИСАК САРФАТИ


Исак Сарфати е роден во 1923 година во Битола. Бил едно од трите деца на Сарфати Аврам Јаков и Хана. Неговиот татко бил комисионер, а најмногу работел со купопродажба на куќи и други објекти, додека пак неговата мајка била домаќинка. Со оглед на приликите во семејството и тешката финансиска состојба Исак не бил во можност да го заврши основното образование, па најголем дел од времето го поминувал работејќи како работник. Поради неговите позитивни карактерни особини бил сакан и почитуван во средината на занаетчиската младина во Битола. Пред почетокот на војната станал член на Комунистичката партија на Југославија, а во 1941 година бил избран за член на Месниот комитет на Комунистичката партија на Југославија во Битола. Кон крајот на 1941 година Месниот комитет му дал обврска да формира пододбор за собирање на народна помош меѓу Евреите. Во овие активности за собирање пари и потребен материјал за движењето на отпорот, Исак Сарфати заедно со Моис Мосе се издвоиле како најактивни и најодговорни. Покрај нив во пододборот учествувале и адвокатите Леон Ишах и Перец Русо, потоа Леон Франко, Дарио Аруести и Мориц Шами. Овој пододбор за народна помош работел со максимално вложување и посветеност да ја оствари задачата, па на почетокот на 1942 година за време на еден состанок биле посочени за пример од страна на Орде Чопела (учесник во НОБ, прогласен за народен херој). Во април 1942 година бугарската полиција го фатила Мориц Шами, а Исак Сарфати преминал некое време во илегалност. Кон крајот на јули 1942 година, за прв пат во текот на окупацијата, бугарските окупатори осудиле членови на движењето на отпорот, и тоа: 9 лица на бесење, 8 осудени на 10 години затвор, а некои биле ослободени поради немање докази. Исак Сарфати бил осуден на бесење во отсуство. Тој успеал да пребега во Грција, но локалните жители го издале. Заедно со Леон Фараџи паднале во рацете на окупаторите и веднаш биле стрелани. Фотографијата е превземена од https://collections.ushmm.org/search/catalog/pa1132840 United States Holocaust Memorial Museum, courtesy of State Archives of Macedonia


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN