ХАИМ ЛЕВИ


Хаим Леви е роден на 8 ноември 1922 година во Штип. Таткото Јудејко (роден во Штип 1885) и мајката Марија (родена во Солун 1885) имале многудетно семејство, 10 деца- 6 машки и 4 девојчиња. Хаим бил трето дете во семејството Леви. Татко му бил сараф (тур. sarraf- менувач на пари) и се занимавал со трговија на злато, а мајка му била домаќинка. Како средни имотно семејство имале своја куќа во центарот на Штип, а подоцна отвориле и дуќан со земјоделски производи. Во тоа време школувањето било скапо, а обичај било најстарото дете да го наследи занаетот и да работи во семејниот дуќан. Но во семејството Леви, најстариот син Пепо студирал медицина во Белград, па така Хаим како помлад брат, а најстар од сите други морал да помага во дуќанот на татко му. Во Штип Хаим го завршил француското училиште, а понатамошното школување го продолжил во Скопје 1936/37, за подоцна да продолжи повторно во Штип.

Татко му починал во 1939 година од срцев удар, а мајка му со децата Пепо,Бесалел, Давид, Раул, Жули (која била мажена со едногодишно дете), Дора, Жак и најмалите сестри близначки Естер и Бони кои имале 6/7 години, се депортирани во 1943 во логорот на смртта Треблинка.

Во jули 1941 во една кафеана во еврејското мало во Штип започнуваат првите разговори околу организирање и запознавање на еврејската младина од Штип за новонастанатата ситуација. Состанокот го воделе веќе докажаните комунисти и активисти Васил Доганџиски и Киро Кукушев. Организираната активност на Хаим Леви отпочнува по доаѓањето на Исак Сион од Љубљана, во летото 1941 година, кој по директива на Месниот комитет во Штип развива засилена партиска активност меѓу еврејската младина. Исак Сион во текот на Август 1941 год во куќата на семејството Леви организира состанок на кој присаствуваат Пепо и Хаим Леви, Аврам Сион - братот на Исак Сион, Исак Леви и Моис Сион. Групата претставува прва организирана воспитна група од страна на еврејската младина за агитација и пропаганда против фашистичките окупатори, подготвена и за активно учество во оруженото востание. По директива на месниот комитет, Хаим во текот на октомври 1941 организира уште една воспитна група во која членуваат млади работници Евреи: Исак Леви, Барух Леви, Бирја Бононо и Жак Давид Сион. Хаим Леви организирал уште две воспитни групи во јануари и февруари 1942 година. Хаим Леви, како член на Партијата водел три групи со 12 членови од Еврејската заедница, младинци од СКОЈ на Штип. На 21 ноември 1941 година Леви и Славчо Стојменски, биле фатени и затворени во познатата ноемвриска провала. Славчо, по еден час од апсењето успеал да избега од затворот. Леви бил одведен во Скопје и затворен, каде бил изложен на големи мачења. Тој ги издржал сите тортури и со своето држење придонел провалата да не се прошири понатаму во штипската организација. На 6 февруари 1943 година од Скопје бил однесен во Штип и изведен пред бугарскиот окупаторски суд. Судењето траело 4-5 дена, но поради немање докази, Хаим Леви бил ослободен и по неколку дена пуштен од затворот во Скопје. Но по доаѓањето во Штип, бил повторно фатен од бугарската полиција и бил испратен во бугарскиот политички концетрационен логор „Јеникој“, Ксантиско, денешна Грција. При крајот на 1943-та, Леви, успеал да избега од логорот „Јеникој“ и како илегалец се вклучил во антифашистичката борба во Пловдив. Таму тој дејствувал прво како командир на една саботажна чета, а потоа како командир во една чета во реонот на Мараш. По капитулација на Бугарија, во септември 1944 година, се приклучува во составот на Македонската бригада „Гоце Делчев“, како комесар на батаљон. А како комесар на Пионерскиот батаљон на 50 дивизија на НОВ на Југославија, учествувал во сите завршни борби и операции за ослободување на Кочани, Штип, Велес, Скопје и Тетово. Во неговите сеќавања забележан е неговиот роденден во 1944 година кога влегува во ослободениот роден град Штип и знае дека нема да сретне ниту еден свој од големото семејство Леви: „тешко беше чувството да не сретнеш никој од своите. Често пати навечер кога ќе си легнам, размислувам што се случуваше, колку малку се знае, па солза ќе ми засолзи за суровоста што сум ја преживеал.“ - од интервјуто за Шоа фондација во 1995 година.

По завршувањето на војната останува во Штип година/година ипол, а потоа добива прекоманда во Скопје во V армија. Во 1947 година добива прекоманда во Ниш во склоп на III армиска област, од каде го враќаат во Скопје. Во 1959 година повторно добива прекоманда, овојпат во Сараево. Таму се пензионира како полковник во ЈНА. Неговиот живот завршува на 74 годишна возраст во Сараево на 1 Септември 1996 година.

Хаим Леви е Првоборец, носител на партизанска споменица.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN