АВРАМ САДИКАРИО


Аврам Садикарио е роден на 14.05.1919 година и потекнува од битолско Еврејско семејство од татко Јосиф и мајка Вида Садикарио. Тој бил едно од седумте деца на семејството Садикарио. Негов брат е Саламон Садикарио - Мо. Неговиот татко Јосиф имал завршено верско образование, а работел како кожар. Додека пак неговата мајка Вида била домаќинка. Основно и средно образование завршил во родната Битола. Уште во 1937 година како ученик во гимназија почнал да се интересира за комунистичките идеи и заедно со неговите двајца браќа станале членови на Сојузот на комунистичката младина на Југославија СКОЈ, и учествувале во ширеше на литература како и држење курсеви по политичка економија. Во 1938 година започнал студии по медицина во Белград и таму останал до нападот на Кралството Југославија во 1941 година, кога се вратил во родната Битола. За време на неговиот престој во Белград како студент учествувал во повеќе акции и протести организирани од Комунистичката партија на Југославија, меѓу кои и во големите демонстрации во Белград потив пактот со Нацистичка Германија. По враќањето во Битола, бил примен за активен член на партијата и бил вклучен во партиските активности, а заедно со Виктор Пардо и Мориц Шами биле дел од партиска ќелија-организирана група на Комунистичката партија. Покрај тоа бил и организатор на друга партиска ќелија во која членувале Нисим Алба-Мики, Марсел Демајо и Симо Калдерон, а тие организирале подгрупи и симпатизерски групи. Со овие активности за придобивање и омасовување на членството успеале да ги придобијат скоро сите членови на еврејската организација „Техелет Лаван“, како и од организацијата „Хашомер Хацаир“ двете од Битола. Па така меѓу Евреите од Битола имало околу 600 еврејски младинци кои биле вклучени во движењето на отпорот. Истата година, ќелијата во која членувал и Аврам била откриена, при што неговите другари Мориц Шами и Виктор Пардо биле уапсени, а Аврам не бил откриен, но со оглед на околностите морал да премине во илегала. Во периодот на депортациите на Евреите од Македонија, во март 1943 година, Аврам бил затекнат во Софија, каде го водел својот брат на лекарски преглед. Во истиот период поради провали на партиската структура во Битола што било причина Аврам илегално да остане да престојува во Софија.За време на престојот во Софија, илегално престојувал кај Еврејско семејство. По интернирање на Евреите од Софија во други градови низ Бугарија, во јули 1943 година, Аврам бил приморан заедно со семејствто во кое престојувал да се пресели во градот Плевен, каде најпрво биле сместени во логор, а подоцна откако логорот бил распуштен во еврејското гето во градот. Овде бил сместен заедно со уште тројца други еврејски илегалци, со кои заедно бил учесник во различни акции. За време на престојот во Плевен на 7 септември 1943 година заедно со другите тројца илегалци бил учесник во акција за напад на затворот и ослободување на затвореници. Оваа акција била успешно спроведена при што било ослободено раководството на бугарската и македонската комунистичка партија на чело со Трајчо Костов и Лазар Колишевски. Во Плевен бил учесник и во акцијата за апсење на поранешни полициски фашистички агенти, со кои имале и вооружена пресметка. Кон крајот на 1944 година се вратил во Софија каде ги продолжил студиите по медицина и по нивното завршување во 1945 година се вратил во Македонија и работел како доктор педијатар на Детската клиника и професор на Медицинскиот факултет во Скопје до пензионирањето во 1984 година. Тој бил женет со Жамила Колономос со која го имаат синот Самуил Садикарио. Аврам Садикарио бил и дописен член на француската академија за наука по медицина, а бил одликуван и со Орденот за заслуги за народот и Орденот братство и единство од прв ред. За време на својата професионална кариера Аврам Садикарио објавил околу 300 научни трудови, учествувал во изработката на бројни учебници по педијатрија, а посебно во областа на хематологијата. Покрај кариерата, Садикарио оставил и траги во литературата објавувајќи осум книги поезија, од кои три на еврејски теми: Ни крик ни самина (поезија, 1973) Очи и корења (поезија, 1974) Запалено лето (поезија, 1975) Погледи и ѕвона (поезија, 1977) Ханилеа (поезија, 1985) Замолкната правдина (поезија, 1987) Оносветски призиви (поезија, 1995) Датуми на поколот (поезија, 1996) Добитник е на награда од Сојузот на еврејски општини на Југославија за збирка поезија „Три илјади години Ерусалим“. Бил активен планинар и вљубеник во приордата. Починал во Скопје во август 2007 година.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN