ВИКТОР МЕШУЛАМ - БУСТРИК


Виктор Мешулам е роден во Битола во 1918 година. Потекнува од сиромашно семејство од родители Бенцион и Сара Мешулам. Поради тешката финансиска состојба морал да се занимава со тешкиот јагленџиски занает за да обезбеди егзистенција за себе и за семејството. Непосредно пред почеткот на Втората светска војна се вклучил во Комунистичкото младинско движење СКОЈ, а со почетокот на војната Виктор Мешулам бил еден од првите Евреи младинци од Битола кој им се приклучил на партизанското движење на отпорот. Уште во јули 1942 година тој се приклучил на битолско-преспанскиот одред „Дамјан Груев“, а таму бил назначен за командир на десетина. Во одредот Виктор го добил и партизанското име Бустрик. Набргу по формирањето на 2 август 1942 година одредот влегол во селото Смилево, битолско каде бил одржан митинг на кој било истакнато дека партизанското движење ги продолжува идеалите на Илинденското востание. Својата дејност одредот ја продолжил во ресенско, во близина на селото Болно, од каде се упатиле кон планината Бигла, а таму се приклучиле и други партизани, меѓу кои и Мордехај Нахмијас. Во овој период одредот ја реализирал и првата герилска акција со напад на полицискиот участок во село Кажани. По оваа акција, одредот се префрлил кон границата со Албанија, во близина на селото Коњско каде се споил со одредот „Јане Сандански“ и се формирал нов одред со истото име „Дамјан Груев“. Вака омасовениот одред кој броел околу 45 партизани, своето делување го продолжил во Егејска Македонија на потегот од Лерин до Костур каде биле реализирани неколку успешни акции. На 20 мај 1943 година одредот „Дамјан Груев“ се поделил и бил основан одредот „Гоце Делчев“. Па така, во одредот „Дамјан Груев“ од младите Евреи партизани од Битола останале Саломон Садикарио - Мо, Мордехај Нахмијал - Лазо, Жамила Колономос - Цвета, Бено Русо - Коки, Виктор Мешулам - Бустрик и Нисим Алба - Мики, а во новоформираниот одред „Гоце Делчев“ пристапиле Ишах Ментеш - Киро, Естела Леви - Лена, Алберт Русо - Коте, Самуел Садикарио - Сами, Алберто Касорла - Берто , Естреја Овадија - Мара и Адела Фараџи - Ката. Но, честопати акциите бие заеднички па така двата одреди често се сретнувале и заедно делувале.

На 6 мај 1944 година Виктор Мешулам во близина на Кичево учествувал во воена акција за напад на воз кој превезувал германски и албански војници и опрема. Акцијата била завршена успешно, а Виктор Мешулам се истакнал со својата храброст. Истата година на 8 јуни во селото Локов била формирана Првата македонска бригада, во која покрај другите млади Евреи бил распореден и Виктор Мешулам-Бустрик. Сите воени единици од движењето на отпорот биле ангажирани во ослободувањето на градовите, а во текот на воените операции Виктор бил назначен за командант на баталјон.

По војната 12 Евреи борци во НОВ добиле највисоки одликувања за воени заслуги 1941-1945, а меѓу кои и Виктор Мешулам- Бустрик. По формирањето на Државата Израел, Виктор Мешулам како и многу други Евреи емигрирал каде основал семејство и починал.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN