ПОСАДЕНИ 20 ДРВЦА, ДОНАЦИЈА НА ФОНДОТ НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА
Дрвото како симбол на животот е присутно во речиси секоја култура. Денешното садење дрва на улицата Васил Главинов, се совпаѓа со последниот ден од осумдневното одбележување на празникот Ханука. Чинот на садење дрво во себе содржи повеќезначна и мултидимензионална симболика. Едно од нив е раѓање на нов живот. Затоа во име и од почит кон Евреите од Македонија кои се приклучија во НОБ, садиме и создаваме спомен парк кој ќе нѐ потсетува на храброста, сплотеноста и оптимизот со кој беа тие водени.
Празникот Ханука н учи за борбата за слобода и идентитет, но и за чудото кое се случило при осветување на вториот храм кога храбрите Макабејци ги победиле Елените. Маслото кое горело во разрушениот храм било доволно за само еден ден, но се случило чудо и маслото горело 8 денови, па затоа Ханука се нарекува празник на светлината и чудото и ја славиме 8 денови.
Садењето дрва означува и вечност и е опишано во Талмудот, во кој вели:
„Еден човек садел дрво. Случаен минувач го прашал: Колку време ќе треба за да ги уживаш плодовите од дрвото? Човекот кој го садел дрвотот одговорил: 70 години.
Минувачот зачудено запрашал: Зарем мислиш дека ќе живееш толу долго?
На ова човекот одговорил: Најдов многу дрвја кои моите претци ги засадиле за мене, јас садам за моите деца!“
Но исто така садењето на нови корени асоцира на длабоките корени кои Евреите ги имаат во Македонија, земјата во која живееме и создаваме. Со губењето на листовите на есен и со нивното повторно разлистување на пролет, дрвата симболизираат еден животен циклус. Во плодовите на дрвото има семе од кое се раѓа нов живот. На тој начин, дрвото не е само симбол на животот туку е и симбол на бесмртноста и на победата на животот над смртта преку ново раѓање. Денешниов чин на садење, симболично ги претставува нашите заложби да растеме и пуштаме корени и после траумата од холокаустот. Со здружението Го Грин Скопје ја садиме нашата надеж и оптимизам за подобра иднина за сите нас. Нивниот благороден и еколошки проект "Еко иновативни зони за почист воздух" ја најавува зелената иднина на новите генерации за кои обезбедуваме здрава животна средина и ги едуцираме како да ја одржуваат традицијата проткаена со историското минато. Новите 20 садници, донација на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, влеваат надеж, верба и оптимизам за многу идни денови и години и нѐ потсетуваат на Ладино поговорката: Anisina topimos el mundo, Ansina lo vamos a deshar. Како го затекнавме светот, така и ќе го оставиме.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација