Објава и образложение на жирито кон наградите и останатите признанија доделени на првиот литературен конкурс „Раскажувам фотографија“ на Фондот на холокаустот на Евреите од Република Северна Македонија


 

            Првиот конкурс за раскази посветени на мотиви од предвоениот живот и страдањето на македонските Евреи се потврди како исклучително успешен.

На конкурсот пристигнаа 138 литературни творби. Меѓу нив, најголем дел солидно напишани прози, со исклучок на творби кои не го погодија овој жанровски образец (расказот) изразени било како историски осврти или како своевидни есеи.

Интересно е дека во тој богат одѕив на пријателите и почитувачите на нашата Установа - која ги негува сеќавањата на еден отсечно, насилно исчезнат, некогаш вонредно живописен етнос со  оригинална јазична, фолклорна и религиозна култура, со векови составен дел на богатата македонска мултикултура - повеќе автори се најдоа мотивирани да се јавуваат и со два или повеќе прилози.

Тоа изобилие од творби, како и од вкупно 50 авторски имиња, квалитетен книжевен материјал кој го означи овој конкурс, тричленото жири - во состав Жаклина Мучева - претседател на жирито, Гордана Ивановска-Велковска и Томислав Османли, последниве три месеци го  стави пред одговорната задача, во неколку кругови, да ги издвои најнапред книжевно квалитетните, потоа и најсолидните меѓу нив, за конечно, на својата последна интернет-седница на 15.01. 2021 година, да пристапи и кон конечното изгласување на трите најсупериорни раскази со изразити литературни градби и книжевни квалитети, од предложеното мноштво.

Според одлуката на жирито:

            Првата награда ѝ припадна на прозата „Ѕвездата“ од Михајло Свидерски

 – поради драматиката на текстот набиен со внатрешен интензитет и остварена со врвна книжевна едноставност; 

          Втората награда е доделена на расказот Ja vjeni dies на авторката Светлана Папачек

            -за моше сугестивно раскажаната трагична приказна при што книжевниот сентимент не преминува во патетичност;

           Третата награда ѝ се доделува на книжевната творба „Метларот“ на Габриела Стојаноска-Станоеска

 -за квалитетото литераризирање и на еден мотив (и професија), кој израснува во крупна драматична метафора.

Посебно, ценејќи го исклучителниот креативен напор вложуван во текот на целиот конкурс низ учеството со многубројни творби пишувани со познавање на факти од животот на Евреите во  Македонија и на еврејската религија и култура, жирито го истакнува учеството на авторот Антонио Стојановски му доделува Специјално признание за тоа негово обемно и посветено учество.  Признанието се проследува со избор на книги во издание на Меморијалниот центар  на холокаустот на Евреите од Македонија.

          Жирито сака посебно да ги истакне и да ги пофали книжевните квалитети и придонеси на финалистите во овој конкурс кои влегоа во најтесните фаворити за трите награди. Жирито за нив предлага доделување Пофалници. Тоа се:

Владимир Плавевски за расказот „Риболовци“

Билјана Лотеска за расказот „Недопеана песна“

Цвете Јовановска за расказот „Хана, девојчето со сини очи- Патување без враќање“

Александра Ристовски за расказот „Мојот мост“

Во текот на својата работа, жирито, меѓу останатото, беше исправено пред една принципиелна дилема што ја покрена извесен број книжевно квалитетни творби, кои меѓутоа, не го запазуваат базичниот критериум на конкурсот – имено, да се раскази напишани на прецизно пропишаните теми зададени врз инспиративни  фотографии. Членовите на жирито почитувајќи го доследно спроведениот пристап остварен кај најголемиот дел пристигнати прози, од принципиелни причини се определија за почитувањето на пропишаните конкурсни правила и споменатите дела, со жалење, не ги прифати при финалните валоризации.     

Со висок степен на разбирање во текот на тримесечната активна работ врз внимателните и повеќекратни прочити, потоа и првични валоризациите на континуирано пристиганите прози -  жирито сака да истакне дека сите погоре спомнати одлуки ги донесе со највисок степен на согласност - едногласно.

На сите учесници им се заблагодарувам за исклучително продуктивното учество на литературниот  конкурс „Раскажувам фотографија“, а на  добитниците, на финалистите и на носителот на Специјалното признание - од името на мојата матична установа, Фондот на холокаустот како и од името на моите колеги од жирито, им ги честитам добиените награди и признанија.

                                                                                                                Претседател на жири

                                              Жаклина Мучева

          Скопје, 15.01.2021


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN