БЕЊАМИН САМОКОВЛИЈА - ДАМЈАН
Бењамин Самоковлија е роден во Сараево на 31.03.1918 година. Потекнува од средно имотно семејство. Татко му Ашер бил трговец со текстил и имал продавница, а мајка му Ципора се грижела за домот и семејството. Бењамин имал три сестри, сите партизанки. Најстарата Лаура загинала 1945, а Рахела и Бјанка го дочекале ослободувањето. Родителите на Бењамин се убиени во Јасеновац. Во ова семејство се негувала сефардската култура и традиција. Бидејќи финансиите не биле проблем, децата имале можност да учат странски јазици и инструменти. До почетокот на Втората светска војна Бењамин живее и работи во Сараево како текстилен работник.
Војната ја минува во партизани. Мобилизиран е на 5 ти април 1941 година. На партизанските единици им се приклучува во септември 1941 година, напуштајќи ја Равна гора каде чекал врска со партизаните. Учесник е во Игманскиот марш во јануари 1942 година, а потоа преминува во Србија каде е заробен и испратен во логор во Солун, каде бил преведувач бидејќи зборувал повеќе јазици. Во Македонија доаѓа во 1944 година. По бегството од логорот се поврзува со партизаните од Првата косовско – македонска бригада, во третиот батаљон. Бил командант на чета во десетата македонска бригада. Во партизани ја среќава својата животна сопатничка Наталија Спиркоска (подоцна Самоковлија), со која стапуваат во партизански брак откако го ослободиле Кичево во 1945 година. Од овој брак по ослободувањето се раѓаат нивните две деца Лаура и Бранимир Самоковлија.
По завршувањето на војната завршува Економски техникум, што во тоа време се смета за високо образование. На раководна функција бил во повеќе компании: Текстилна фабрика ,,Армаганијан“ „Црвена Звезда“ за чорапи, „ 11 Октомври“ – Прилеп, „ Македонски фолклор“. Како искусен раководител и добар познавач на бизнисот со текстил, испратен е на раководно место во фабриката „ Југоетиопиан“ во Етиопија, каде престојува 4 години со своето семејство. Пензијата ја дочекува во„ Интерекспорт“ како виш комерцијален советник. Активно зборуваше 4 јазика(француски, германски,италијански и шпански).
Речиси 20 години беше претседател на Еврејската општина во Македонија. Благодарение на неговото искуство во раководењето, без тешкотии ја извршуваше оваа функција, градејќи пријателски односи со другите верски заедници во тогашна СР. Македонија. Неговиот благонаклонет однос кон луѓето донесе многу пријатели на еврејската заедница. Беше добар пример на лидер кој требаше да балансира меѓу религијата и тогашното општествено уредување . Опстојувањето на Еврејската заедница и нејзиното денешно позиционирање во однос на другите верски заедници ,влече добри корени од времето на раководењерто на Бењамин Самоковлија.
Носител е на:
Медал за храброст 04.11.1963
Одликуван од претседателот на СФРЈ , Јосип Броз Тито со Орден на Братството и единството со сребрен венец 31.03.1977
Орден за воени заслуги со сребрени мечеви
Орден на републиката со сребрен венец
Медал од државата Израел
Почина на 28.02.1996 година во Скопје
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација