АУШВИЦ


Аушвиц е најголемиот концентрационен, екстерминационен и логор за принудна работа конструиран од нацистите. Најстариот дел од логорот наречен Аушвиц I бил основан во април 1940 година, а лоциран бил на територијата на тогашна окупирана Полска од страна на нацистичка Германија, а во близина на местото Освјенчим на простор каде што во минатото постоела воена касарна. Логорот започнал официјално со работа на 14 јуни 1940 година кога 728 Полјаци вклучително и помала група на полски Евреи биле сместени во логорот. За време на проширувањето- изградбата на логорот во јуни 1940 година насилно било расселено околното население (околу 5 000 жители) кое живеело на тој простор се со цел да се превенира да не бидат свеедоци на случувањата. Логорот имал капацитет од 22 сместувачки бараки во кој биле сместени од 15 000 до 20 000 затвореници. На почетокот од своето работење логорот служел како работен логор, а во него биле сместувани полски политички заробеници. Една од најпознатите слики за логорот Аушвиц е натписот над влезната порта со кој цинично се исмевале заробениците со мотото "Arbeit macht frei" - работата ослободува. Исто така, овој логор е познат и по псевдо-медицинските експерименти кои ги изведувал нацистичкиот доктор Јозеф Менгеле кој работел во логорот Аушвиц во 1943 година. Менгеле бил познат и под прекарот „Ангел на смртта“ изведувал различни експерименти во кои ја истражувал бојата на очите како и различни монструозни експерименти врз близнаци.

Од есента 1941 година во логорот Аушвиц I започнала да работи и првата гасна комора во овој логор.

Во средината 1941 година логорот бил проширен со уште еден дел т.н. Аушвиц II - Биркенау кој бил најголем од 40тината логори и подлогори кои го сочинувале логорскиот комплекс Аушвиц. Истиот требало да петставува сместувачки капацитет од 90 000 до 125 000 воени затвореници и во исто време служел како екстерминационен логор, а служел и како собиралиште и транспортен центар на принудни работници до германските индустриски капацитети. По наредба на Хајнрих Химлер во март 1942 година бил дограден и трет дел од логорот т.н. Аушвиц III - Моновиц, лоциран во близина на местото Моновиц, а во чиј состав користејќи ја принудната работна сила на затворениците, функционирала и германска фабрика за производство на синтетска гума. Аушвиц III - Моновиц имал сместувачки капацитет од околу 10 000 затвореници.

Во врвот од своето работење во 1944 година концентрациониот и екстерминационен логор Аушвиц зафаќал површина од 40 км2 и бил составен од повеќе од 40 надоврзани логори распространети на радиус од 100км,а во истиот период во логорот биле сместени 135 000 затвореници или 25% од луѓето сместени во концентрацони логори во Европа.

 

Од основањето во 1940 година па се до почетокот на 1942 година Аушвиц функцинирал како концентрационeн логор наменет за бавно убивање во нечовечки услови и изгладнување. Од 1942 година до 1944 година логорот препраснал во капацитет за масовно и брзо убивање на различни етнички групи, пред се Евреи, Полјаци и Роми. Од летото 1941 година по наредба на Химлер, Аушвиц започнал да функционира и како центар за масовно убивање на Евреите. Во овој логор за прв пат во септември 1941 година бил употребен и смртоносниот гас за убивање луѓе, Циклон Б, а биле убени 600 советски и 250 полски затвореници. Од март 1942 година започнале депортациите на Евреи кон Аушвиц, и тоа најпрво од Словачка (27 000 Евреи) и Франција (69 000 Евреи), во мај истата година од Полска (300 000 Евреи) а само неколку месеци подоцна и од Холандија (60 000 Евреи), Белгија (25 000 Евреи) и тогашна Југославија (10 000 Евреи). Во октомврии истата година биле депортирани и 46 000 Евреи од протекторатите Бохемија и Моравија, а во декември 700 Евреи од Норвешка. Во март следната година биле депортирани 55 000 Евреи од Грција, а кон крајот на 1943 година и 7500 Евреи од Италија. На 16 мај 1944 година биле депортирани скоро 438 000 Евреи од Унгарија.

За време на функционирањето во Аушвиц биле убиени околу 20 000 Роми и Синти. За време на работењето на логорот околу 670 затвореници успеале да избегаат, а од нив 270 биле фатени и веднаш егзкутирани. Вистината за случувањата во злокобниот логор Аушвиц, најпрво успеале да ја пренесат припадниците на полското движење на отпорот кои уште во есента 1940 година ја информирле полската влада во егзил во Лондон за случувањата во логорот. Најпознатото бегство било на словачките Евреи Алфред Вецлер и Валтер Розенберг кои на светот успеале да му ја пренесат вистината за ужасите на логорот Аушвиц. Во октомври 1944 годна во логорот се одвивал и бунт кој го подигнале т.н. зондеркомандоси (Евреи затвореници кои принудно работеле во логорот) при што успеале да уништат една о гасните комори.

Непосредно пред напредувањето на Советската војска и ослободувањето на Аушвиц, по налог на Химлер биле уништени гасните комори и креаториуми во логорот, а се со цел прикриање на тргите од извршеното злосторство и масовни убиства. Пред ослободувањето на логорот, на 17 јануари 1945 година од страна на нацистите помеѓу 58 000 и 60 000 затвореници биле дислоцирани во други логори преку т.н. марш на смртта, а за време на маршот поголем дел од нив биле убиени. Оние што преживеале биле пратени со возови по други концентрциони логори во Германија. Непосрдно пред ослободувањето од страна на нацистичките сили во логорот Аушвиц биле целосно уништени гасните комори и крематориумот во логорот Аушвиц II - Биркенау. На 27 јануари 1945 година, Црвената армија го ослободила логорот, а во него затекнала 7650 затвореници прегладнети и болни кои чекајќи го својот крај го дочекале своето ослободување. Во близина на логорот биле пронајдени и огромен број на докази за стореното слосторство како огромни купови со човечки мртви тела, коса, облека и чевли, а кои нацистите не успеале да ги прикријат и уништат. За време на своео делување, според проценките во логорт Аушиц биле убиени помеѓу 1,2 и 1,6 милиони луѓе со што Аушвиц станал симбол на нацистичката програма за т.н. конечно решение и симбол на геноцидот. 90% од жртвите убиени во Аушвиц престојувале во логорот Аушвиц II - Биркенау, и најголемит дел (90%) од нив биле Евреи и околу 70 000 Полјаци.

По Втората светска војна многу од воениот персонал кој работел во Аушвиц се соочил со судски пресуди, а меѓу нив и управникот на Аушвиц, Рудолф Хос (предходен управител на логорот Захсенхаузен во Германија).

Денес поранешниот логор Аушвиц е отворен за јавноста како музејска институција позната под името Аушвиц - Биркенау меморијален центар и музеј, а целот комплекс и документите и доказите сведочат за најголемото масовно убиство во историјата и служат како потсетник за геноцидот.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN