СОБИБОР


Собибор бил екстерминационен логор, изграден и управуван од нацистичка Германија, како дел од „операцијата Рајнхард“. Бил отворен во мај 1942 година. Се наоѓал во шумата во близина на селото Собибор во окупирана Полска. Собибор постоел со единствена цел, во него да се убиваат Евреи. Мнозинството затвореници биле убиени во гасни комори во рок од неколку часа по пристигнувањето. Оние што не биле убиени, биле принудувани да работат во логорот. Поради исцрпувачката работа и лошите услови за живот, затворениците умирале за неколку месеци. Се смета дека меѓу 170.000 и 250.000 луѓе биле убиени во Собибор, што бил четврт најсмртоносен логор за истребување по Белжец, Треблинка и Аушвиц.

Собибор бил поделен на пет дела што се нарекувале лагери. Во предниот дел наречен Vorlager , имало живеалишта и рекреативни згради за персоналот на логорот. Службениците на СС живееле во колиби со необични (за логор) имиња како „Среќната флота“, „ Ластовичко гнездо“ и „Куќата на Бог“. Во овој дел за СС војниците имало кантина, куглана, фризер и стоматолог, сите вработени биле затвореници, Евреи. Чуварите имале посебни бараки и свои одделни рекреативни згради, вклучувајќи фризерски салон и кантина. Нацистите посветувале големо внимание на изгледот на овој дел од логорот, кој бил само за нив. Бил убаво среден, со тревници и градини, тераси на отворено, патеки со чакал и професионално насликани знаци што насочуваат кон нешто. Овој идиличен изглед помогнал да се сокрие природата на логорот од затворениците кои требало да пристигнат.

Во Лагер I имало касарни за затворениците и работилници. Бил изграден зад гарнизонот, западно од главната порта. Зоната била обезбедена од можни бегства, опкружена со огради од бодликава жица и мочуриште, а надвор од сето ова, минско поле. Во оваа зона биле и дневните простории за еврејските затвореници, како и кујната на затворениците.

Лагер II бил поголем, со зградата на администрацијата и се што е потребно за секојдневното работење на логорот. Таму работеле околу 400 затвореници. Во овој дел од логорот биле магацините што се користеле за складирање на предмети земени од жртвите, вклучувајќи облека, храна, коса, злато и други скапоцености. Во Лагер II, биле пречекувани новите жртви и биле подготвувани за нивната смрт. Тука биле соблекувани, жените шишани на нула, облеката се селектирала и сортирала, а документите биле уништувани во блиската печка. Последните чекори на жртвите биле правени на патека опкружена со бодликава жица. Како во Треблинка и во Белжец, патеката се викала „Патот кон рајот“ и водел директно до гасните комори.

Лагер III била областа на истребување. Тоа било во северозападниот дел на логорот, каде имало само два начина за влез. Персоналот на кампот влегувал низ мала обична порта од Лагер II. Влезот за жртвите се спуштал веднаш во коморите и бил украсен со цвеќиња и Давидова ѕвезда. Во гасните комори, 500 луѓе биле убивани во исто време.

Лагер IV бил додаден во јули 1943 година, и сè уште се градел кога избил бунтот. Овој дел бил сместен во многу пошумено подрачје на север од другите логори. Во него се чувало муниција за обработка на оружјето одземено од војниците на Црвената армија.

Логорот престанал да работи по бунтот на затворениците, што се случил на 14 октомври 1943 година. Планот за овој бунт опфаќал две фази. Во првата фаза, групи од затворениците требало да ги убијат службениците на СС одделно. Во втората фаза, сите 600 затвореници требало да се соберат на повик и да излезат пред влезната врата. Сепак, планот не бил остварен, бидејќи само 12 од службениците на СС биле убиени, а затворениците почнале да бегаат искачувајќи се преку оградите од бодликава жица и трчале низ минско поле додека во нив се пукало. Околу 300 затвореници успеале да избегаат од логорот, од кои најмалку 58 ја преживеале војната.

По бунтот, нацистите го уништиле логорот и посадиле борови за да ги прикријат доказите за тоа што се случувало таму. На тоа место е подигнат меморијален музеј.

 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN