ЛОГОР САЈМИШТЕ


Репресивните мерки кон еврејското население во окупираното и капитулирано Кралство Југославија биле воведени од страна на Гестапо уште на 16 април 1941 година, кога им било наложено на сите Евреи да носат жолта трака како обележје. Мерките се однесуваат на територијата на Србија која била под германска нацистичка администрција. Со антиеврејските мерки кои стапиле на сила на 31 мај 1941 година на Евреите и Ромите им се забранувало учество во јавниот живот, им била забранета економската дејност, им била наметната присилна работа, а имотот и банкарските сметки им биле конфискувани.

Како реакција на востанието кое започнало во летото и есента 1941 година на територијата на Србија, била испратена 342 девизија на Вермахтот со која раководел генералот Франц Беме (Franz Boehme). Веднаш по пристигнувањето на територијата на Србија, оваа дивизија започнала активности во реонот на Шабац каде било уапсено целокупното машко население од градот, како и целокупното еврејско население. Дел од еврејското население било стрелано веднаш, а остатокот биле интернирани во павилјоните на белградскиот саем кој бил преадаптиран во логор. Логорот се наоѓал на левиот брег на реката Сава во Земун и бил на местото каде што бил лоциран првиот белградски саем. Тој бил под контрола и на територија на Независна Држава Хрватска. Логорот „Сајмиште“ бил централно место на холокаустот на територијата на окупирана Србија. Останатиот дел од Евреите во Србија биле депортирани во овој логор во периодот помеѓу 8 и 13 декември 1941 година. Во него биле сместени Евреи од Белград, Шабац, Ниш, Косовска Митровица, Нови Пазар, како и Евреи бегалци од централна Европа кои биле затекнати на територијата на Србија.

За понатамошната судбина на заробените Евреи во логорот биле разгледувани неколку варијанти меѓу кои и нивна депортација на територијата на тогашна окупирана Полска или нивна ликвидација на територијата на Србија. Во март 1942 година во Србија пристигнал камион преадаптиран во гасна комора (Душегупка), и започнала наредбата за убивање на Евреите од саемот. Први жртви на овој грозен план биле Евреите сместени во болницата која била лоцирана во зградата на поранешното еврејско женско друштво, а потоа камионот бил префрлен на локацијата на белградскиот саем каде што продолжил со грозоморното убивање на човечки животи.

Од крајот на март до средината на мај 1942 година биле усмртени сите Евреи од белградскиот саем, а потоа биле закопани во веќе подготвени масовни гробници во областа Јајинци во близина на Белград. Подоцна во два наврати во 1943 и 1944 година била извршена ексхумација на закопаните жртви и од страна на нацистичките војски остатоците биле спалени и целосно уништени, а со тоа биле прикриени сите траги за масовното злосторство. Единствени кои се спасиле од логорот „Сајмиште“ биле неколку Еврејки кои биле мажени за христијани, како и две еврејски семејства кои биле ослободени по интервенција на италијанската и швајцарската амбасада во Белград.

По уништувањето на последната група Евреи во 1942 година, била сменета намената на логорот, бил преименуван во „прифатен логор Земун“, а со таква намена останал до неговото затворање во јули 1944 година. Во овој период во логорот биле праќани заробеници од области во Србија во кои било активно движењето на отпорот. Тие најпрвин биле испраќани во логорот, а потоа и на принудна работа во други логори. За цело време на работењето на логорот бил раководен од силите на Гестапо, а бил чуван од СС офицери и подофицери. Според својата намена, логорот „Сајмиште“ се смета дека бил концентрационен и екстерминационен логор. Покрај главниот логорски дел сместен на белградскиот саем, во функција биле и помали логори во населбата Ушче во Белград како и логор на Дунав.

Сеуште не се утврдени точните бројки на затворени и убиени во логорот „Сајмиште“ , а се движи од 39 000 до 100 000 интернирани луѓе, убиени од 17 000 до 40 000 луѓе, вклучително и околу 7 000 до 10 000 Евреи.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN