Евреите во Кралството Југославија
Со крајот на Првата светска војна и фомирањето на Кралството Југославија, повеќе од сто различни еврејски заедници кои броеле околу 70 000 Евреи, а кои претходно биле дел од неколку различни држави како Австро-унгарското царство, Кралството Србија, Кралството Црна Гора и Отоманската Империја се соединиле и започнале да остваруваат поинтензивни меѓусебни контакти. Најголем дел од овие Евреи биле припадници на средната класа, а имало и дел кои биле осиромашени поради околностите што ги снашле во Првата светска војна. Помеѓу Евреите од Кралството Југославија постоеле значајни разлики во однос на потеклото, јазикот, културата, традицијата и социјалната структура. Околу 2/3 од Евреите кои биле населени во Кралството Југославија воделе потекло од источно и средно-европските земји (Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Австрија и Унгарија) додека 1/3 од Евреите воделе потекло од Шпанија, Италија и Турција. Тие не се занимавале само со една конкретна стопанска дејност, туку напротив се занимавале со повеќе дејности како индустрија, трговија, занаетчиство, некои биле вклучени во банкарската дејност, но имало и такви кои едвај заработувале за живот.
Најголем дел од Евреите живееле во големите урбани центри, а само 5% од вкупниот број Евреи живеел во селски средини.
Нивниот социо-економски статус најмногу зависел од културолошкото и социо-економското наследство кое го влечеле од претходно распаднатите држави, па така оние што живееле на просторот на Хрватска, Словенија и Војводина биле економски поситуирани и имале веќе изградено контакти во западна Европа, додека оние што претходно биле дел од Отоманската Империја имале подоминантна ориентална рефлексија врз нивните економски и културни текови.
Самото вклучување на територии кои претходно биле дел од големите империи, во една нова држава, се рефлектирал и на еврејскиот диверзитет. Па така, според одредени податоци во Кралството Југославија до 1939 година биле евидентирани околу 43 000 Евреи ашкенази кои главно биле населени во северниот дел на Кралството Југославија, и околу 29 000 сефардски Евреи доминантно населени во јужниот дел. И сефардите и ашкеназите во секојдневната комуникација со останатото население го употребувале доминантниот јазик во средината, додека во рамките на своето домаќинство ја зачувале употребата на ладно и јидиш јазик.
По правило сефардите и ашкеназите членувале во посебни општини, дури и кога живееле во исти град, а религискот живот се одвивал во посебни синагоги, гробишта и тн. Во врска со вероисповедните заедници се разликувале два правци: неолошки и ортодоксен – најмногу застапен кај ашкенаската популација.
Основен облик на организација на Еврејските заедници била еврејската градска општина „кехила“. Во меѓувоениот период во Кралството Југославија постоеле 117 градски општини, од кои 105 членувале во сојузот на еврејски вероисповедни општини, додека 12 биле издвоени во Здружението на ортодоксни еврејски вероисповедни општини, а од вкупниот број околу 70-тина биле ашкенаски а 40-тина сефардски.
Во однос на правниот статус на овие заедници истите биле регистрирани според Законот за еврејски верски заедници (13 декември 1929 година) истиот признавал само верски права, а го исклучувал признавањето на Евреите како национално малцинство.
Евреите во Кралството Југославија на 1 јули 1919 година во Осјек го формирале „Сојузот на еврејски вероисповедни општини“ а за прв претседател бил избран др. Хуго Спицер, адвокат од Осјек. Сојузот своите активности ги насочил кон културата, религијата и образованието. Во 1923 година бил формиран и главен рабинат, а во периодот од 1924 до 1941 година духовен лидер бил др. Исак Алкалај кој воедно бил и член на југословенскиот сенат (горен дом на Парламентот).
Пред формирањето на Кралството Југославија веќе постоеле еврејски основни училишта , а од 1928 до 1941 година во Сараево, Босна и Херцеговина функционирала семинарија-верско училиште кое подготвувало учители за ширење на образованието.
Покрај еврејските вероисповедни општини, постоеле и други форми на социјално-хуманитарни и спортски друштва и организации. Сите овие форми се развивале под силно влијание на ционистичката идеја. Главна и заедничка цел на овие организации без оглед на нивниот карактер било подготвување на младите за заминување кон Палестина, односно воспитување формирање млади луѓе кои ќе бидат способни да изградат нова земја. И покрај заедничката крајна цел програмската организација на вие организации била различна. Во рамките на овие организации биле издавани голем број на весници, списанија, календари кои имале важна улога во зачувување и негување на еврејската култура. Овие списанија биле објавувани на ладино и јидиш, а дел и на доминантниот јазик на средината.
Сепак во периодот непосредно по формирањето на Кралството генерално не била забележана организирана форма на антисемитизам, а имало и Евреи биле вклучени и во политичкото и општественото работење.
Во областите во кои постоела толеранција кон Евреите пред создавањето на Кралството таков однос продолжил и по неговото создавање, додека во областите кои претходно биле дел од Австро-унгарската монархија бил регистриран латентен а по некогаш и отворен антисемитизам. До 30тите години на 20 век антиеврејските испади биле повремени и ограничени и биле санкционирани од страна на властите. Во периодот од 1933 до почетокот на Втората светска војна во Југославија како и секаде положбата на Евреите била тешка, а тоа било време на јакнење на антисемитизмот. Една од првите посериозни антиеврејски прописи било донесувањето на Уредбата на Владата на Кралството Југославија за запишување во училиште на лицата од еврејско потекло во учебната 1940/41 година. Кратко по ова следеле и други рестриктивни прописи како Уредбата за забрана на тргување со предмети за исхрана за Евреите.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација