Евреите во вардарскиот дел на Македонија меѓу двете светски војни
По Првата светска војна , во 1918 година, вардарскиот дел на Македонија влегол во состав на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, кое од 1929 година е преименувано во Кралство Југославија. Македонците биле третирани како ,,јужносрбијанци‘‘, Македонија како ,,Јужна Србија‘‘, а македонскиот јазик не смеел да се употребува во училиштата, во дневниот печат и на јавни места. Евреите од Македонија биле во подобра позиција од Македонците, бидејќи им било овозможено да се организираат врз верска и јазична основа, да имаат свои општествени организации и печат на еврејски јазик. Но, Евреите секогаш сочувствувале со македонскиот народ. По Првата светска војна и по основањето на КПЈ ( Комунистичка партија на Југославија), Евреите како и Македонците ги прифатиле идеите на КПЈ. На општинските избори во 1920 година, комунистичките пратеници од Скопје и од другите поголеми македонски градови добиле мнозинство гласови благодарение и на еврејските гласови, а по воведување на вонредната уредба ,,Обзнана‘‘, со која се забранувала легалната комунистичка дејност, некои од Евреите комунисти лежеле во затворите на Кралството Југославија.
По Првата светска војна во Македонија се оформил еден слој на привилегирано српско чиновништво и српска буржоазија. Покрај српската буржоазија, постоел и еден поимотен слој на еврејски трговци, кои своето богатство го стекнале пред војната. Еврејската буржоазија била стара, со корени на оваа почва и тесно врзана со локалното население и чаршијата, а српската била нова, нетрпелива и сакала бргу да се збогати. Еден дел од богатите еврејски трговци почнал да соработува со новата власт, меѓутоа наголемиот број скопски Евреи знаеле дека вистински заштитник на нивните интереси е Комунистичката партија. Особено затоа што уште тогаш почнале да се шират антисемитски идеи кои потекнувале од Германија и Австрија, а преку Хрватска се ширеле низ целото Кралство. Во текот на општинските избори 1920 година, новинарот Милан Обрадовиќ од Бјеловар, во неговиот памфелт под наслов ,,Како да рјешимо жидовско питање‘‘( Како да го решиме еврејското прашање) предлагал со закон да се забрани слободното движење на Евреите и да се протераат во гета, да им се забрани да се нарекуваат Хрвати со мојсиевска вера, да се забрани Евреите да им даваат заеми на христијаните, да им се ограничи образувањето во сите училишта, еврејски лекар да не може да лекува христијани, Евреин учител да не смее да учи христијански деца. Оваа фашистичка, антикомунистичка, антисемитска пропаганда, поддржувана од власта, од север се ширела на југ во Македонија. Во март 1922 година меѓу жителите на Битола била раширена веста дека Евреите заклале некое дете за да ја употребат неговата крв за Песах. Жителите на Битола кои поверувале во оваа приказна ја опколиле куќата на угледниот Евреин Самуел, во чија куќа наводно се случило ритуалното убиство. Меѓутоа полицискиот началник бргу констатирал дека не e исчезнато ниту едно дете во Битола и дека не треба да им се верува на ваквите приказни.
Во големите, но и во помалите градови на тогашна Југославија, постоеле еврејски верски општини кои ја негувале еврејската култура и јазик. Битолската и скопската верска општина спроведувале низа хуманитарни акции, а биле формирани и неколку фондови: Bikur holim (посета на болни), Ozer dalim ( здравствена помош), Matanot laevjonim (подарок за сиромаси), Malbis arumim (помош за сиромашните ученици). Фондовите се полнеле со доброволен данок, познат под името ,,Печа‘‘ што го плаќал секој Евреин, според своите материјални можности. Кон крајот на триесетите години меѓу еврејските младинци се повеќе се чувствувало влијанието на СКОЈ (Савез комунистичке омладине Југославије). Ова влијание особено се чувствувало во двете еврејски младински организации Хашомер ха-цаир (Млада гарда) и Техелет- Лаван (Сино- бела).
Профашистичките влади на д-р Милан Стојадиновиќ и на Цветковиќ-Мачек започнале да воведуваат фашизам во Југославија уште во 1935 година, а тоа предизвикало бран на иселување на Евреите од Југославија. За да ги смират вознемирените Евреи, намесникот Павле, претседателот на владата Милан Стојадиновиќ и министерот за внатрешни работи д-р Антон Корошец дале идентични изјава во кои се вели: ,,Евреите се полноправни граѓани на Југославија и нивниот непречен културен, социјален и стопански просперитет може само да ја радува Југославија.‘‘
Во 1938 година почнале и првите антиеврејски кампањи во весниците. Првиот весник што ја започнал оваа кампања бил весникот ,,Балкан‘‘, а потоа се приклучиле и другите. Почнале и првите забрани за работа на еврејските културни и младински организации. Антисемитизмот не бил толку изразен се до 1939 година, кога профашистичките и реакционерните режими почнале и официјално да го поддржуваат антисемитизмот. Важна улога во ова имале разни фашистички организации како онаа на Љотиќ (српски фашистички водач), усташите, крижарите (војници на поразената НДХ, повеќето усташи), а во Македонија фашистичката организација на Ванчо Михајлов. Тогаш започнале и првите прогони на Евреите и формирањето на профашистички работнички организации како ,,Југорас‘‘( Југословенска радикална заедница).
Владата на Цветковиќ-Мачек, во 1939 година, ги донела првите ограничувања и почнала со прогонот на Евреите. Таа година многу Евреи од Југославија се иселиле во Палестина. На 27 јули 1939 година, биле донесени и опширни законски прописи:
1. Евреите што дошле во Југославија по 1.1.1935 година мораат да ја напуштат Југославија во рок од 3 месеци.
2. Евреите што дошле во Југославија пред 1.1.1935 година, а во Југославија не се повеќе од 10 години, мораат да ја напуштат Југославија во рок од 10 месеци.
3. Евреите што живеат во Југославија повеќе од 10 години, а не се југословенски државјани (иако некои од нив барале југословенско државјанство, но не им било дадено) мораат да ја напуштат Југославија во рок од 1 година.
Во 1940 година, коалиционата влада на Цветковиќ-Мачек ги донела и првите законски мерки со кои се ограничувала и граѓанска рамноправност на Евреите. Тоа биле таканаречените ,,Корошчеви закони‘‘ за забрана на вршење на некои професии и за ограничување на правото на школување на Евреите.
Така владите на Кралството Југославија по 1939 година со законите и уредбите го расчистувале патот на фашистичката расна теорија и ја подготвувале најголемата трагедија на југословенските Евреи. Таа трагедија довела до уништување на 80 отсто од вкупниот број на Евреи во предвоена Југославија. Во Вардарска Македонија, во Скопје, Битола и Штип живееле 7762 Евреи, а по 6 април 1941 година се зголемил за уште 300 Евреи, кои избегале од Србија.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација