Верскиот живот на Евреите во Македонија


Центар на општествениот живот на Евреите била автономната еврејска општина наречена ,,кехила‘‘, која постоела уште од византискиот период и во која се одвивала целата општествена и верска дејност на Евреите. Во состав на верската општина постоел рабински суд, кој судел по сите спорови меѓу Евреите, а особено верските, брачните и делбите на наследството, додека верскиот живот бил концентриран околу синагогата. Често овие две институции се надополнувале. Надвор од основните закони на Тората, разните спогодби, договори, традиции, обврски и одлуки не биле целосно јасни и не одговарале на практичните проблеми во секојдневието. Бет-дин (судот)имал право да ги казни престапниците, а едни од најтешките казни биле бојкотот и екскомуникацијата. На членовите на заедницата им било дозволено да поднесат жалба на пресудата на бет-динот. Бет-динот секогаш бил во непарен состав за да не биде ,,нерешено‘‘, туку решението да биде прифатено со мнозинство гласови. Напорите на рабините, хахамимите(мудреци) и дајаните(судии) биле насочени кон тоа да ја сочуваат заедницата од надворешни влијанија и да ги бранат нејзините интереси.

Во 1557 година била донесена општа рабинска одлука со која се забранувало Евреи да се судат пред отоманскиот суд. Во верските општини постоел Совет составен од неколку угледни граѓани. Одлуките на овој Совет ги одобрувал рабинот и проценувал дали се во спротивност со еврејското право, но тој не можел да ги менува туку само да ги коментира. Општината често донесувала одлуки со кои се забранувала меѓусебна конкуренција меѓу Евреите. Таа ги собирала и даноците од Евреите и ги предавала на државната каса, била претставник на Евреите пред отоманската власт и имала за цел да ги подобри економските позиции и граѓанските права. Секоја општина имала и свои гробишта. Рабинот се издигнал на позиција на религиозен поглавар на целата општина, со значајна административна власт. Моќно оружје на рабинот било и тоа што имал право да фрли анатема или херем, која била најголема казна за секој Евреин, бидејќи бил исклучуван од верската заедница. Самиот херем се објавувал свечено во синагогата во сабота, а на другите Евреи им се забранувало да комуницираат не само со проколнатиот туку и со целото негово семејство. Исклучениот не можел да се надева на никаква помош од заедницата.

Традиционалниот верски живот на Евреите се одвивал и приватно (во домовите) и јавно (во синагогата). Јудаизмот поттикнува и јавна молитва, а за повеќето молитви и ритуали потребен е мињан, присуство на најмалку 10 возрасни Евреи. Секој маж може да ја држи службата – не е потребно присуство на ракоположен рабин. Евреите може да се молат на секое место. Но, еврејските заедници се стремеле да изградат синагоги, молитвени храмови, кои станале средишни институции на автономниот верски живот на Евреите. Некои Евреи ја посетувале верската служба во синагогата секојдневно, други пак најчесто на Шабат (сабота). Речиси сите мажи оделе на верските празници, а жените кои биле зафатени со обрските околу домот и семејството, оделе во синагогата повремено, најчесто за големите празници и за помените. Венчавките се извршувале во синагогата по одредена верска церемонија. Во синагога се вршело опелото за умрените при што Кадиш (молитва) читал најстариот син на починатиот, а подготовките за погребот се извршувале по одреден верски ритуал.

Едни од најпознатите рабини во Битола во почетокот на 20 век биле Шабетај Џаен кој бил главен рабин во Битола до 1928 година и Аврам Романо кој бил главен рабин во Битола до депортациите во март 1943 година. Во 1922 година за главен скопски рабин бил назначен др. Мордехај Саијас од Солун кој бил рабин со напредни сфаќања и поддржувач на ционизмот. Долг период рабин во синагогата во Штип бил Давид Менахем Натан, а од 1937 година по завршувањето на Сараевското училиште за рабини, нов рабин во штипската синагога станал Мајир Касорла по потекло од Битола.

Во Битола, кон крајот на 19 и почетокот на 20 век постоеле повеќе синагоги, а две од нив ги носеле имињата на еврејските заедници од каде што потекнувале доселените Евреи, односно Кал кадош Португал и Кал кадош Арагон. Покрај овие две синагоги кои датирале од 15 – 16 век, постоеле и други синагоги како Кал ди ла Хавра, Кал Озед Далим, Кал Саламон Леви.

Во Штип имало една синагога која во текот на балканските војни била уништена и разурната заедно со повеќето еврејски куќи кои биле во нејзина близина. Новата синагога „Ел кал нуево“била изградена во 1925 година, а освен за верски потреби имала дел кој служел за други пригодни собири.

Во Скопје, во еврејското маало имало две синагоги, „Бет Ахарон“ и „Бет Јаков“. Со развојот на градот и оформувањето на населбата Буњаковец, во која се населиле меѓу другите и еврејски семејства било отворено помало место за молитва кое било сместено во мала куќа под наем.

Денес во Македонија има само една синагога, која се наоѓа на вториот спрат од Еврејската заедница и го носи името на старата скопска синагога Бет Јаков.

 

 

 

 

 

 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN