ДАХАУ


Логорот Дахау бил прв нацистички концентрационен логор во близина на местото Дахау во Германија. Логорот бил отворен уште во 1933 година на место на напуштена фабрика за муниција од Првата светска војна, а иницијално служел за политички затвореници.

Во првата година во логорот биле интернирани околу 4800 затвореници и тоа првенствено комунисти и социјалдемократи, како и други политички противници на нацистичкиот режим, а со текот на времето биле интернирани и други групи како јеховини сведоци, роми, хомосексуалци и др.

Во 1937 година затворениците во Дахау биле искористени како работна сила за изградба на нов комплекс на згради на теренот на оригиналниот логор. Принудени да работат во ужасни услови, изградбата била завршена во средината на август 1938 година.  

Во ноември 1938 година, набрзо по Кристалната ноќ, во Дахау биле интернирани повеќе од 10 000 Евреи мажи.

Дахау служел и како тренинг центар за чуварите на нацистичките концентрациони логори. Овој логор бил поделен во два дела, односно во првиот дел бил логорски дел а вториот за крематориумите. Дахау бил сочинет од 32 бараки, ограден со електрична бодликава ограда, ров и стражарници.

Како и во други логори, и во Дахау биле извршувани бројни медицински експерименти врз затворениците вклучувајќи експерименти со маларија, туберколоза, тестирање на нови лекови и сл. Стотици затвореници починале или биле трајно оштетени како резултат на изведените експерименти.

Во целиот период на работењето на Дахау затворениците биле користени за принудна работа  најпрво во изградба на објекти, а потоа во градење на патишта, ископување на чакал и сл. За време на Втората светска војна присилната работа во логирте била од исклучително значење за германското производство на оружје. Во средината на 1944 година почнале да се отвараат и подкампови околу Дахау со цел зголемување на военото производство. Биле отворени повеќе од 30 придружни логори во кои работеле повеќе од 30 000 затвореници.

Неколку дена пред ослободувањето на логорот, затворениците биле принудени да го напуштат Дахау на т.н. марш на смртта, што резултирало со смрт на многу затвореници. По ослободувањето на логорот на 29 април 1945 година од страна на американските сили, во мај истата година биле ослободени и преживеаните затвореници кои биле испратени на маршот на смртта.

Логорот Дахау работел од 1933 до 1945 година и за тоа време низ логорот поминале околу 188 000 затвореници од кои речиси една третина биле Евреи. Во периодот од 1940 до 1945 година во логорот и придружните логори починале најмалку 28 000 затвореници, а се смета дека бројот на жртви бил значително поголем.

 

 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN