Операција Рајнхард
Во историската наука под „Операција Рајнхард“ е познато кодното име на нацистичкиот план за убиство на околу 2 000 000 Евреи на просторот на средна Европа (Полска и источна Прусија). Иницирана уште кон крајот на 1941 година, а подоцна именувана по загинатиот СС генерал Рајнхард Хајдрих (убиен од чешките партизани во јуни 1942 година). Планот предвидувал изградба на логори наменети за целосно истребување на еврејската популацја, а логорите биле лоцирани во југоисточна Полска во близина на постојните еврејски гета во Варшава и Краков. Биле изградени три логори за екстерминација, Треблинка, Белзец и Собибор. Во споредба со други логори кои имале двојна намена како екстерминација и принудна работа, споменатите три логори имале една и единствена цел, а тоа било директно уништување на Еврејското население.
Изградбата на логорите почнала уште во 1941 година, а прв целосно ставен во функција бил логорот Белзец уште во март 1942 година и продолжил со работа до декмври истата година. Собибор бил ставен во функција во мај 1942 година и активно работел до октомври 1943 година, додека пак Треблинка активно работела од јули 1942 година па се до затварањето во август 1943 година. Во овие логори за директно уништување на човечки животи биле убиени околу 1,4 милиони Евреи и неутврден број на полјаци, роми и советски воени заробеници.
Реализацијата на нацистичкиот план за целосно истребување на Евреите наречен со кодно име „Операција Рајнхард“ му била доделена на СС генералот Одило Глобочник кој воеднo бил и СС и полициски управник на областа Лублин во тогашна окупирана Полска од страна на нацистичка Германија. За оваа цел Глобочник воспоставил два оддела, од кои првиот бил наменет за ангажирање на персонал и спроведување на транспортите, односно депортација на Евреите до логорите, додека пак вториот оддел бил одговорен за изграба и раководење на логорите на смртта. За изградбата и раководењето со гасните инсталации наменети за масовни убивања раководеле искусни поранешни работници од нацистичката програма „Еутаназија“ која била воспоставена уште во раните почетоци на нацизмот, а во чии рамки биле убивани луѓето со попреченост.
Логорите биле изградени со капацитет да убијат голем број на луѓе за краток период. Биле поделени на административен дел, кој главно бил обезбеден од украински СС стражари, дел за прием на депортираните до кој водела железничка пруга а бил опкружен со дрвени бараки во кој им биле одземани личните работи на депортираните.
Последниот дел била областа за екстерминација која работела како фабрика за уништување на човечки животи.
Процесот на уништување се состоел најпрво во поделба на две групи, мажи и жени со деца на кои потоа им биле одземани личните предмети и облеката, а потоа биле упатувани кон гасните комори каде биле убивани.
За расчистување на телата на убиените и нивното закопување биле формирани т.н. „Зондеркомандо“ односно „специјална единица“ од редовите на Евреите затвореници. Овие луѓе под закана за нивните животи биле принудени да работат на расчистување на гасните комори од жртвите. Самото именување на овие принудени работници како „специјални единици“ од страна на нацистите бил еуфемизам со цел прикривање на аспектите на планот за масовно убивање.
Овие луѓе не учествувале во процесот на убивање (тоа било одговорност на СС
единиците) туку биле само работна сила која ги пренесувала безживотните тела до масовните гробници и крематориуми. Тие биле селектирани уште при самото пристигнување во логорите, а во различни логори биле нарекувани и под други еуфемистички имиња.
Во почетокот на работењето на логорите, убиените биле погребувани во масовни гробници, а во различни интервали во 1942 и 1943 година телата на убиените биле ексхумирани и спалувани во големи крематориуми.
По целосното затворње на логорите целата инфрастуктура била демонтирана, масовните гробници биле покриени, областа била вратена во нормала сакајќи да се прикрие злосторството за уништувањто на огромен број на човечки животи.
Од овие три озлогласени логори на смртта успеале да преживеат помалку од 150 Евреи затвореници од кои најголем дел успеале да избегаат за време на бунтот во логорот на смртта Треблинка кој избил на 2 август 1943 година, а кој бил организиран од страна на затворениците т.н Зондеркомандо.
Покрај споменатите три логори во рамки на „операцијата Рајнхард“ во областа Лублин во тогашна окупирана Полска биле изградени и неколку помали логори како Пониатова, Травники, Красник, Будзин и Лублин-Мајданек.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација