Холокаустот во Македонија


Доаѓањето на власт на нацистите во Германија во 1933 година ја поттикнало поддршката на фашизмот низ цела Европа како противтежа на комунизмот. Ова довело до ограничување на граѓанските слободи, често придружувано со изразен антисемитизам.

Разурнувањата во Втората светска војна започнале со инвазијата врз Полска во 1939 година и продолжиле да се движат кон запад во 1940 година. Во април 1941 војната стасала и во Кралството Југославија, која била окупирана и распарчена од страна на Германија и нејзините сојузници. Во секој регион, судбината на Евреите зависела од антиеврејската политика што ја спроведувале германските окупатори и колаборационистите.

По окупацијата на Македонија, на 18.04.1941 година, Германија ја предала контролата во рацете на Бугарија. Македонските Евреи веднаш станале цел на бугарската антиеврејска политика, која ги вклучувала и бугарските антиеврејски уредби од 1940 година. За разлика од другите во окупирана Македонија, Евреите немале право на државјанство.

На Евреите им било забрането да работат како банкари, јавни службеници, аптекари и лекари, но и да работат во весници, театри и кина. Властите вовеле полициски час, конфискувале куќи и дуќани и ги приисилувале Евреите да живеат во гето.

Посебните даноци ги осиромашувале Евреите, а бугарските власти ги контролирале нивните банкарски сметки.

Болното сеќавање на протерувањето од Шпанија и повременото насилство и дискриминацијата кон Евреите што се случувале низ вековите ги навеле да очекуваат дека бугарскиот терор е произлезен од вообичаените облици на дискриминација.

Верувале дека, како и во минатото, прогонот на крајот ќе заврши со преживувањето на заедницата, а не со нејзино истребување.

Но, веќе во јуни 1941 година мажите Евреи биле регрутирани за присилна работа, а во април 1942 биле присилени да носат ознаки за идентификација-жолта давидова ѕвезда од парче ткаенина или таква значка.

Како и во другите делови од Европа кои биле окупирани од Германија, еврејските совети служеле како посредници во контактите со бугарските власти. Во септември 1942 година, Бугарија ја поврзала својата сурова политика со основање Комесаријат за еврејски прашања, раководен од Александар Белев. Но, Евреите не ни знаеле дека овој суров прогон бил само вовед. Најлошото допрва следувало.

На почетокот на 1943 година, Теодор Данекер, германски SS офицер, пристигнал во Бугарија за да го надгледува спороведувањето на бугарската антиеврејска политика. Веќе во февруари, договорот меѓу Данекер и Белев ја запечатил судбината на македонските Евреи. Бугарија се согласила да ги депортира во логорите на смртта во Полска, која била под германска окупација.

На 11.03.1943 година Евреите од Битола и од Штип биле собрани од нивните домови и затворени во Монополот – фабриката за тутун во Скопје, по што следела депортација во логорот на смртта во Треблинка. Околу 7200 луѓе биле натрупани во Монополот без доволно храна, вода и хигиенски услови. Бугарските стражари дивееле, а жените често биле силувани. Многу мал број Евреи успеале да избегаат. Околу 165 лекари и странски државјани биле пуштени на слобода.

Во низа од три транспорти, кои започнале на 22.03.1943 година, бугарските стражари натовариле 7144 Евреи во добиточни вагони и ги придружувале до Лапово, каде требало да им бидат предадени на Германците. По шест дена патување во нечовечки услови, Евреите пристигнале во Треблинка. Сите биле веднаш убиени во гасните комори во логорот.

 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN