Одржана Комеморативна седница по повод Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот
По повод Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот во Министерството за надворешни работи на 27 јануари 2016 беше одржана комеморативна седница со цел оддавање почит на жртвите од холокаустот. Комеморативната седница ја отвори министерката за култура д-р Елизабета Канческа Милевска, а свои обраќања имаа и претставници од Министерството за надворешни работи на Република Македонија, претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија, Еврејската заедница во Република Македонија и Младинскиот Образовен Форум. На овогодишната комеморативна церемонија фокусот беше ставен на младите и потребата од нивно континуирано запознавање со најважните аспекти на холокаустот не само преку образовниот процес туку и преку разни проекти со кои ќе се поттикне нивниот интерес за оваа тематика. Во овој контекст, на настанот присуствуваа и дел од учениците од неколку основни училишта од Република Македонија кои учествуваа во проектот „Холокаустот низ призмата на детските очи”.
Во рамки на комеморацијата беше отворена и изложбата „Ана Франк – историја на денешнината“ која се реализира во соработка со музејот „Куќата на Ана Франк“ од Амстердам и Младинскиот образовен форум од Скопје.
Изложбата „Ана Франк“ е предвидено да биде отворена и во просториите на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија на 04 февруари 2016 година.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација