Европските денови на еврејска култура 2022 – Денови на отворени врати


Со настапот на хорот ХаШира од Нови Сад започна одбележувањето на Европските денови на еврејска култура 2022 – Денови на отворени врати.
Еврејската заедница во Македонија и Фондот на холокасутот и оваа година ја продолжија традицијата на одбележување на европската манифестација за презентација на културното наследство. Традиционално по шеснаесети пат, нашата земја е дел од еврејското европско семејство во кое широко се отвораат портите на заедниците, синагогите, музеите за да се презентира она што е сочувано и што се негува со генерации, а се претставува преку сценско-драмски изведби, концерти, изложби, предавања, средби и други уметнички настани. Првпат ваква културна манифестација организирала француската еврејска заедница во 1966 година.
Нашата намера е да се запознае пошироката јавност со материјалните и културните траги на македонските Сефарди, она што постоело некогаш и она што го има денес. Целта е да се запамети надежта, вербата и вистината за еден народ кој со векови го чува и негува културниот идентитет и покрај низата премрежија низ кои поминувал.
Секоја година темата на одбележувањето е различна, а ја поставува Европската асоцијација за зачувување и унапредување на еврејската култура и наследство. Оваа година темата на Европскиот ден
е „Обновување“.
Оваа 2022 год.на наше големо задоволство ни гостуваше хорот на Еврејската заедница ХаШира од Нови Сад. Овој аматерски мешан состав, кој следната година слави 30 години од своето постоење, пее на хебрејски, јидиш, ладино, српски, латински, шпански, англиски, италијански, баскиски, а неговиот репертоар нема жанровски и временски ограничувања.
Содржината на нивниот репертоар беше одличен избор и одговор на овогодинешната тема „Обновување“. Приземјето на Меморијалниот центар на холокаустот беше полно со публика која љубопитно ги следеше прекрасните изведби на хорот под диригентската палка на Весна Кесиќ Крсмановиќ. Нумерите од мјузиклот „Виолинистот на покрив“, Хава Нагила, Евену Шалом, Адио керида и многу други, беа со овации поздравени од публиката која весело потпевнуваше и со голем аплауз ги поздарви хористите кои го дадоа својот максимум во изведбите.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN