Во Меморијалниот центар на холокаустот започна семинар на тема: Емпатична комуникација во образованието на возрасните, презентирајќи различни визии за холокаустот на Евреите во европските земји, користејќи го како пример холокаустот на Евреите од Македонија. Ова е трет по ред семинар со физичко присуство на вработените во музејот Полин во Варшава, Меморијалот Шоа во Париз, Меморијалот Жанис Липке во Рига и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Со помош на тренерот Александра Ристовски учесниците учеа за методот „Ненасилна комуникација“ (NVC), развиен од д-р Маршал Б. Розенберг, американски психолог. Техниките на поттикнување дијалог, комуникација и градење на емпатија, разбирање, се работеа на работилниците на првиот ден од семинарот.
Интересно предавање одржа и Професор. д-р Мишо Докмановиќ кој зборуваше на тема „Кога минатото ја детерминира иднината: историја, идентитет, конфликт и холокауст во Македонија“. Предавање одржа и професор д-р Васко Наумовски.
Учесниците ја посетија Битола и сите места поврзани со животот на Евреите од овој град, а последниот ден го посетија и споменикот на жртвите депортирани во Треблинка кој се наоѓа во фабриката за тутун во Скопје.