Европски денови на културното наследство 22 – 28 септември 2022 година


Европските денови на културното наследство, како заедничка иницијатива на Советот на Европа и Европската комисија, се помеѓу најшироко одбележуваните културни настани во Европа.
„Одржливо наследство“ е темата на годинашниве Европските денови на културно наследство. Со оваа тема, се става фокус на активната улога на заедниците, кои што градат поодржлива и посигурна иднина за европското наследство, во контекст на климатските промени и ризиците што тие ги носат. Во текот на септември, низ цела Европа се одвиваат најразлични активности (изложби, работилници, перфроманси, организирани посети со водичи), коишто го промовираат одржливото наследство, во исто време истакнувајќи го значењето и на природните добра и биодиверзитетот. Република Северна Македонија се приклучува кон заедничката европска тема – „Одржливо наследство“. Активностите во рамките на Европските денови на културното наследство се организираа во периодот од 22 – 28 септември 2022 година.
Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и оваа година се приклучи во одбележување на Европските денови на културното наследство.
На 23 септември во посета на Меморијалниот центар дојдоа ученици од ООУ „Ј.Х.Песталоци“од Скопје со наставничката Бранка Димевска Коцева и наставникот Александар Чавкароски. Учениците ја разгледаа постојаната поставка заедно со Жаклина Мучева и научија повеќе за животот на Евреите, нивното културно материјално и нематеријално наследство, слушнаа историски факти за депортацијата на македонските Евреите и возобновувањето на Еврејската заедница. Научија нови термини: Тора, синагога, менора, ладино јазик, сефардски поговорки, но го видоа и најзначајниот артефакт во Меморијалниот центар. Сето ова беше добра основа за размисли, дискусија и инспирација за реализација на работилницата „Истражуваме, создаваме и културното наследство го чуваме“. Под менторство на нивните наставници и тимот од Меморијалниот центар, Лилјана Лазаревска, Маја Јаневска Илиева, Дарко Хелман и Сашо Андоновски ги создадоа своите уметнички творби инспирирани од поставката која ја посетија. Работеа во четири техники и изработија прекрасни уметнички дела.
Изработките се изложени во приземниот дел на Меморијалниот центар и сите посетители ќе можат да ја погледнат изложбата до 28 септември додека трае манифестацијата Европски денови на културно наследство. Уметничките трудови потоа ќе бидат сочувани во депото на центарот заедно со сите други изработки на нашите соработници.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN