Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Центропа одржаа тридневен семинар на тема „Паметиме“. Семинарот беше наменет за наставници од средно и основно училиште. Преку обработка на филмови, работилници и предавања, 35- те наставници ќе совладаат нови вештини, ќе научат нови техники и ќе восприемат нови информации за обработка на темата „Холокауст“ која оваа година е поврзана со темата на семинарот „Паметиме“ во пресрет на 80 годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија.
Воведни обраќања имаа: Горан Садикаријо директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Д-р Георг Вуцас – Амбасадор на Република Австрија во Република Северна Македонија, Марлена Најс – советник за односи со јавност од Амерканската амбасада, Даниел Браун – специјален советник од Фондацијата Конрад Аденауер и Јонатан Шверс претставник на „Центропа“ од Виена.
Првиот ден предвање одржа професор д-р Мишо Докмановиќ од Правен факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, кој зборуваше за тоа како ги паметиме историските факти, поврзувајќи ја историјата на Евреите од Вардарска Македонија и сегашната политика на соседна Бугарија.
На крај од првиот ден имаа можност да научат нешто повеќе за празникот Шабат преку излагањето на м-р Ребека Мучева.
Наставниците ја погледнаа и постојаната поставка во Меморијалниот центар, а беа водени од кустос Лилјана Лазаревска Мешковска.
Вториот и третиот ден учесниците на семинарот имаа можност да ги проследат проекциите на филмовите на Центропа: „Запомни“ и „И јас никогаш повеќе не ги видов“ и врз основа на содржината на филмовите да изготват наставен час. За тоа како настанале филмовите зборуваше Јонатан Шверс од Центропа. Поделени во пет групи наставниците заеднички го работеа наставниот час, а последниот ден секоја група преку свој претставник направи презентација.
Учесниците имаа можност да ја проследат работилницата на Жаклина Мучева, посветена на Рош Хашана – Еврејската нова година, а професорите Радојка Хелман и Тамара Петреска како учесници на Летната академија на Центропа, ја презентираа работата на учесниците на оваа едукативна програма.
Учесниците на семинарот имаа можност да ја погледнат изложбата „Изгубениот свет на Сефардите“ изготвена од Центропа со објаснување од Данила Штерјова.
Сите учесници на крајот од семинарот добија сертификати. Задоволни и со нови сознанија, наставниците договорија посети и работилници во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
Организатори на семинарот беа Меморијалниот центар и Центропа, а семинарот финансиски беше поддржан од Американската амбасада – Скопје, Австриската амбасада во Скопје и Фондацијата Конрад Аденауер – канцеларија Северна Македонија.
Кординатори на Центропа, за Македонија беа Даниела Штерјова, а за Словенија Дамјан Сној.
Имавме учесници од Словенија, Србија, Босна и Македонија.
Фотографиите се дело на Маја Јаневска Илиева, а во тимот на Меморијалниот центар беа: Лилјана Лазаревска, Маја Наноу, Жаклина Мучева и Сашо Андоновски.