Едукативна работилница „Кристална ноќ“


По повод 9 ноември, сеќавање на трагичната „Кристална ноќ“ или „Ноќта на искршеното стакло“ во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше одржана едукативна работилница со учениците од 9 одделение од основното училиште „Киро Глигоров“ од Скопје. Интерактивната посета на поставката во Меморијалниот центар кај учениците предизвика прашања и дилеми кои на крај од поставката беа дискутирани. Тие добија повеќе информации за историјата на македонските Евреи и имаа можност да проследат неколку документарни филмови со акцент на настаните на 9 ноември 1938 година. Едукативната работилница водена од Жаклина Мучева и Лилјана Лазаревска се состоеше од дискусија по изгледаниот филм и тоа на неколку теми:
- Кршење на излози од дуќани чии соспственици биле Евреи
- Палење книги од автори Евреи
- Палење на синагоги
- Понижување и стигматизација на Евреите
Сите овие теми беа сублимирани во: Непочитување на човековите права.
Голема благодарност до училиштето „Киро Глигоров“ и наставничките Јана Трајковска – историја и Сања Пејчиновска Крстиќ - македонски јазик, за соработката во реализација на едукативната работилница „Кристална ноќ“.
„Кристална ноќ“ е акт на масивно прогонување на Евреите во цела Германија и делови од Австрија на 9 и 10 ноември, 1938 година. Домовите на Евреите биле опустошени во неколку германски градови, како и 8.000 еврејски дуќани, од страна на цивили и членови на СА, кои ги рушеле еврејските градби со токмаци, оставајќи ги улиците покриени со скршени прозорци и излози. Од таму доаѓа името „Ноќ на скршено стакло“. Многу Евреи биле претепани до смрт, а 30.000 Евреи мажи биле однесени во концентрациони логори, во најголем дел во Дахау, Бухенвалд и Захсенхаузен.
Повеќе од 1.668 синагоги и места за молитви, многу од еврејските гробишта биле уништени. Од уништените синагоги, некои биле стари со векови. Надгробни споменици биле урнати, а гробовите вандализирани. Биле палени огнови во кои фрлале молитвеници, свитоци, уметнички и филозофски текстови, а некои градби биле запалени или урнати до непрепознавање.
По оваа ноќ, еврејската заедница била казнета со 10 милијарди марки, а поправката на прозорците ги чинела 40 милиони марки. Многумина во Берлин се срамеле од погромот, а некои понудиле помош.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN