Работна дефиниција на негирањето и искривоколчувањето на холокаустот


На пленарниот состанок на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот - IHRA (International Holocaust Remembrance Alliance) одржан во Торонто на 10 октомври 2013 год., триесет и една земја членка на организацијата го усвоија документот „Работна дефиниција на негирањето и искривоколчувањето на Холокаустот“. Оваа дефиниција беше изработена од страна на експерти на Комитетот за антисемитизам и негирање на Холокаустот на IHRA,  во соработка со владините претставници во IHRA, со цел да се употребува како работна алатка за потребите на организацијата.

Работна дефиниција на негирањето и искривоколчувањето наХолокаустот

Дефиницијата претставува израз на постоењето свест за тоа дека негирањето и искривоколчувањето на Холокаустот треба да се оспорат и осудат на национално и меѓународно рамниште, како и на потребата за нивно проучување во глобални рамки. IHRA ја усвојува следната правно необврзувачка работна дефиниција како своја работна алатка.

Негирањето на Холокаустот претставува дискурс и пропаганда кои што ја негираат историската вистина и обемот на истребувањето на Евреите од страна на нацистите и нивните соучесници за време на Втората светска војна, попознато како Холокауст или Шоа. Негирањето на Холокаустот се однесува конкретно на секој обид да се тврди дека Холокаустот/Шоа воопшто не се случил.

Негирање на Холокаустот може да вклучува јавно негирање или изразување сомнежи за примената на главните механизми за уништување (како што се гасните комори, масовните стрелања, изгладнувањето и измачувањето), како и на постоењето умисла во вршењето геноцид врз Еврејскиот народ.

Негирањето на Холокаустот во неговите разновидни облици претставува израз на антисемитизам. Обидот да се негира геноцидот врз Евреите претставува усилба да се ослободат национал-социјализмот и антисемитизмот од вина и одговорност за геноцидот врз Еврејскиот народ. Меѓу облиците на негирање на Холокаустот се вбројува и обвинувањето дека Евреите го преувеличуваат или измислуваат Холокаустот/Шоа за свои политички или финансиски цели проследено се верување дека Холокаустот/Шоа бил резултат на заговор скроен од страна на Евреите. Целта на ваквите обиди е да се обвинат самите Евреи за Холокаустот/Шоа, а антисемитизмот повторно да стекне легитимитет.

Честа цел на негирањето на Холокаустот е и рехабилитирање на отворениот антисемитизам и промовирањето политички идеологии и услови погодни за остварување токму на истиот настан кој се негира.

Искривоколчувањето на фактите за Холокаустот, меѓу другото, се однесува на:

  1. Смислени напори да се оправдаат или минимизираат последиците од Холокаустот или на неговите основни елементи, вклучувајќи ги меѓу нив и соработниците и сојузниците на нацистичка Германија;
  2. Сериозно потценување на бројот на жртвите во Холокаустот, во спротивност со веродостојните извори за тој број; 
  3. Обиди да се обвинат Евреите дека го предизвикале сопствениот геноцид;
  4. Изјави кои го прикажуваат Холокаустот како позитивен историски настан. Таквите изјави не претставуваат негирање на Холокаустот, туку се тесно поврзани со истото како радикален облик на антисемитизам. Таквите изјави го сугерираат ставот дека Холокаустот не бил доволно успешен во исполнувањето на неговата цел – “Финално решавање на Еврејското прашање“;
  5. Обиди да се замагли одговорноста за подигнувањето на концентрационите и логорите на смртта создадени и раководени од страна на нацистичка Германија, а преку префрлување на вината за тоа на други нации или етнички групи.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN