Проекција на филмот „Конференцијата во Ванзе“


По повод Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот - 27 јануари и годишнината од Конференцијата во Ванзе - 20 јануари 1942 година, во Кинотеката на Македонија беше прикажан филмот „Конференцијата во Ванзе“ (2022). Воедно ова е првата активност на Фондот на холокаустот и Еврејската заедница од низата кои ќе следат во оваа 2023 година кога се одбележуваат 80 години од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта Треблинка во окупирана Полска.
Проекцијата се реализираше во соработка на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Канцеларијата на фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија, Гете институтот и Еврејската заедница во Република Македонија.
На отворањето со поздравно видео обраќање се обрати Проф. Д-р Норберт Ламерт, Претседател на Фондацијата Конрад Аденауер и поранешен Претседател на Германскиот Бундестаг. Официјални обраќања имаа Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија, Горан Садикаријо, Извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Катрин Оствалд-Рихтер, Раководител на Гете-институтот Скопје, Пепо Леви, Претседател на Еврејската заедница во Република Македонија и Ото Граф, Заменик Амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија.
Филмот ја прикажува средбата на водечките претставници на нацистичкиот режим од СС, Канцеларијата на Рајхот, министерствата, полицијата и администрацијата утрото на 20 јануари 1942 година во вила на езерото Ванзе во близина на Берлин. Состанокот на кој Рајнхарт Хајдрих, шеф на главната канцеларија за безбедност на Рајхот, безбедносната полиција и СД, го покани како „состанок проследен со појадок“, подоцна ќе биде означен во историјата како „Конференцијата во Ванзе“. Единствената тема на агендата тоа утро беше она што нацистите го нарекоа „Конечно решение на еврејското прашање“: организација на систематско масовно убиство на милиони Евреи низ Европа. Филмот му дава на гледачот увид во шокантната „нормалност“ што се прикажува за време на состанокот додека се разговара за процедурите, организацијата и координацијата, како и за одговорностите за убиството на милиони луѓе како да е тоа секојдневен административен акт.
Филмот е заснован на оригиналниот записник од Конференцијата во Ванзе, снимен од Адолф Ајхман, кој се смета за клучен документ за истребувањето на Евреите и холокаустот. Сепак, овие записници не се стенографски, туку претставуваат записници за текот и заклучоците од состанокот.
Режисер: Мати Гешонек
Сценарио: Магнус Фатрод и Паул Момерц
Продуцент: Константин филм и ЗДФ
Година на производство: 2022
Должина на филм: 1 час и 45 минути

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN