РЕАКЦИЈА


Во пресрет на 80 годишнината на комеморацијата од депортацијата на Евреите од Македонија во центарот за убивање Треблинка, 11 март, Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од се почестите антисемитски појави во нашата држава.
Сметаме дека е апсолутно неприфатливо, под закрилата на „хуморот и сатирата“ да се исмеваат 6 милиони Евреи жртви на нацизмот од кои 7.144 Евреи од Македонија а како што беше случај на карневалот во Струмица на којшто, помеѓу другите маски, беше и онаа со ликот на Хитлер. Таквата маска не е во духот на карневалот и е во спротивност со мултиетничкиот и мулти конфесионален карактер на Македонија и пораката „Едно општество за сите“. Таквата маска го отвора прашањето дали за нас Евреите има место во оваа држава.
Недоличните маски и глорификација на нацизмот и фашизмот не застанаа на карневалот. Само неколку дена по неговото одржување на 01.03.2023 на оградата на Еврејската заедница осамна графит со нацистички симбол – свастика. Дали јавната промоција на маската на Хитлер го потикна пишувањето на овој графит?
Би сакале да потсетиме дека македонската Влада уште на 8 март 2018 година, по повод одбележувањето на 75 годишнина од депортацијата на Евреите од Македонија ја прифати работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА) за борба против антисемтизмот, а потоа и работната дефиниција за искривоколчување и негирање на холокаустот. Усвојувањето на овие два документи значи и обврска за постојан ангажман и конкретно делување на сите институции на државно и локално ниво, но и на граѓанското општество и на сите нас како граѓани на оваа држава во спречувањето на ваквите појави а не нивна јавна промоција. Воедно, би сакале да укажеме дека уште во 2017 година Еврејската заедница предложи дополнување на Кривичниот законик, кои беа прифатени од работната група при Министерството за правда, а со коишто ваквите појави би се санкционирале соодветно, но за жал истите досега не се имплементирани.
Еврејска заедница
Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN