Вчера вечер во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше изведена монодрамата „Бикот на Фаларис – Решавање на загатката на големиот свет“ од авторот и изведувач Стивен Фридман. Гостувањето е соработка на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија со американската амбасада во Скопје. Присутните ги поздрави директорот на Фондот на холокаустот Горан Садикаријо.
Кој е Стивен Фридман
Тој е поет сликар, автор, учител, и молекуларен биолог, но во суштината тој трага по одговорот на најголемите прашања за да извлече убавина од болката. Текстот на монодрамата, пренесен топло и духовито, е дел од автобиографија, делумна медитација, делумно упатство и делумно инспирација со длабоко потенцирање на афоризмите, кои се алтернативно густи, елементарни, предизвикувачки и откривачки.
Како молекуларен биолог образован на Харвард, визуелен уметник и провокативен визионер и филозоф, Стивен Фридман има одговори на големите животни прашања. Користејќи го личниот наратив, поезијата, уметноста и науката, испорачува перформанс кој ја рефлектира неговата призматична, трансформациска и длабоко утешна визија за светот. Фридман нуди решение за светската болка базирана не само на верувањето и верата туку и логичната строгост- филозофија која започнува од приказната на Киеркегард, за античка направа за измачување, бикот на Фаларис, кој ужасните звуци на болката ги претвора во музика.
Бикот на Фаларис - Решавање на загатката на големиот свет
Драмата е поделена на два чина, првиот е автобиографија и проблеми, а вториот е фокусиран на решавање на проблемите. Бикот на Фаларис или таканаречениот бронзен бик е справа за мачење и направа за извршување на погубувања осмислена во Стара Грција. Според записите на Диодор Сицилиски, Перил од Атина го осмислил и го предложил бронзениот бик како справа која тиранинот Фаларис од Сицилија би ја користел за погубување на криминалците. Бикот целосно бил направен од бронза, шуплив одвнатре со вратичка отстрана. Бикот бил со облик и големина на жив бик и имал вграден звучен апарат кој вресоците ги претворал во бревтање. Oсудените биле заклучувани во бикот и се палел оган под справата, кој го загревал металот, а личноста – жива, во внатрешноста се печела до смрт.
Фаларис заповедал да се осмисли бик на таков начин што чадот кој излегувал од него да мириса на парфем. Главата на бикот била осмислена со сложен систем на цевки и прегради кои обезбедувале вресоците да бидат претворени во звуци кои наликувале на збеснат бик. Според легендата, кога бикот ќе се отворел, изгорените коски на погубениот „светеле како накит и од нив биле правени алки“.