Комеморација за Ден на геноцидот врз Ромите од Втората светска војна
По повод 2 август Денот на геноцидот врз Ромите од Втората светска војна, денеска во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се одржа комеморација во организација на министерот без ресор Музафер Бајрам, здружението на граѓани „Ромаверзитас“ и Ромскиот младински центар од Куманово. По обраќањата на Министерот без ресор Музафер Бајрам , Пратеникот во Собранието на Република Македонија Самка Ибраимоски и проектен менаџерот на ЗГ „Ромаверзитас“, Силхан Саитов, присутните имаа можност да проследат документарен филм со искажувања на преживеани роми од логорот Аушвиц. Настап - монолог „Злосторникот“ имаше талентираниот студент Руфат Демиров. На крај од програмата на платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше симболично испратена пораката „Да се спомне и да не се повтори“. 2 август Европскиот ден на Геноцид врз Ромите се одбележува врз основа на Резолуцијата која Европскиот парламент ја усвои на 15 април 2015. Во Втората светска војна биле убиени 2897 Роми и Синти во т.н. цигански логор во Аушвиц - Биркенау во окупирана Полска, а во логорите на смртта низ цела Европа се смета дека се убиени околу половина милион Роми.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација