Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница денеска во Меморијалниот центар на холокаустот го одбележаа Јом Хашоа– Национален комеморативен ден на Израел, посветен на хероизмот во Варшавското гето.
На присутните им се обрати Маја Наноу член на Управниот одбор на Еврејската заедница. Соломон Садикарио, член на Еврејската заедница ги запали шесте меморијални свеќи, а Самуел Садикарио кажа молитва за жртвите - кадиш. Програмата ја збогатија гостите од Америка кои ја изведоа култната песна ''Eli, Eli" посветена на Хана Селеш која во Втората светска војна, доброволно се пријавила да замине во војна за да спаси еврејски животи.
На вториот спрат од Меморијалниот центар, Жаклина Мучева ја отвори изложбата на тема „ Нивното детство во логор“ која е дел од училишниот проект на Фондот на холокаустот и Меморијалниот центар „Холокаустот низ призмата на детските очи “.