НАСТАП НА ГРУПАТА „HAVERIM SHELL ISRAEL“ (ПРИЈАТЕЛИ НА ИЗРАЕЛ)


Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ) и Дирекцијата за култура и уметност ја продолжија својата традиционална соработка, па така и оваа година заеднички организираа настан во рамките на манифестацијата „Скопско лето“. На покана на ФХЕМ ова лето на нашата редовна публика ѝ ја претставиме танцовата група „Haverim Shell Israel“ (Пријатели на Израел). Перформансот се одржа на платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија на 29 јуни (сабота) во 20 часот. 

Танцовата група „Haverim Shell Israel“ (Пријатели на Израел) е основана во 1998 година и оттогаш континуирано работи во рамките на Еврејската заедница во Осиек. Членовите се од различни возрасти, така што и децата и возрасните танцуваат заедно. Низ годините во групата поминале педесетина танчери, а некои кои биле таму од самиот почеток сė уште танцуваат.

Групата го негува израелскиот фолклор, кој вклучува широк спектар на танци - од библиски, преку пустински, хасидски и израелски, создадени со формирањето на државата Израел, па сè до модерните. Се танцуваат и сефардски и ашкенази танци. Се играат и сите ора создадени под влијание на други народи, бидејќи Евреите се доселувале во Израел од различни делови на светот и со себе донеле дел од културата на тие народи, зачувувајќи ги нивните изворни обичаи. Значи ги имаме влијанијата на грчките, јеменските, шпанските, курдските, арапските, руските и други танци. Сето ова денес под едно име се нарекува „Израелски фолклор“.

За израелски фолклор се смета секој танц што го изведуваат Евреите или се игра во Еврејските заедници, како и на семинари организирани од Еврејските заедници; потоа сите оние танци што ги играат танцовите групи во рамките на еврејските заедници ширум светот; оние што се појавија на почвата на државата Израел; оние за кои музиката е на хебрејски, ладино или јидиш, како и сите оние чии кореографии ги правеле еврејски кореографи.

Танцовата група „Хаверим Шел Израел“ до сега имала настапи во Сомбор, Суботица, Зрењанин, Хвар, Бјелоласица, Опатија, Загреб, Вировитица, Винковци, Вуковар, но секако и во Осиек и сите околни места и во Белишќе, мало гратче во близина на Осиек, кое е основано од еврејско семејство. Групата учествувала и на различни паради на националните малцинства, а во текот на своето постоење има изведувано и неколку целовечерни концерти.

Тие соработуваат со други израелски фолклорни танцови групи во регионот и со нив настапуваат во Прага, Љубљана, Белград, Нови Сад, Сараево, Бања Лука и многу, многу места во Хрватска. Водач на групата е Нивес Бајсман.

Нивес Бајсман се занимава со израелски танц од 1998 година, кога ја основа танцовата група „Хаверим Шел Израел“ во Еврејската заедница Осиек, каде го води и неделно училиште за деца, го уредува билтенот на еврејската општина Осиек „Менора“ и е координатор на Европскиот ден на еврејската култура. Изминативе три години во Осиек се организираше Месецот на еврејската култура, настан кој трае цел септември и кој преку предавања, театарски претстави, филмски проекции, концерти, изложби, промоции на книги, живи библиотеки, тури низ Осиек и разни работилници за деца и возрасни, можат да научат повеќе за еврејската култура, обичаи и традиции. Во слободното време се занимава со математика и физика, а најмногу сака долги прошетки во природа.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN