Семинар за наставници од Западен Балкан
Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија од 18 до 20 октомври се одржа тродневен семинар за 50 едукатори од Западен Балкан. Темата на семинарот беше: „Изучување на историјата на Евреите на Балканот од 20- тиот век и холокаустот, негување на локалната култура за сеќавање и регионален дијалог“. Семинарот го отвори директорот на Меморијалниот центар Горан Садикарио, а на присутните им се обратија амбасадорот на Австрија во Македонија д-р Георг Вуцас и Фабиан Руле директор за едукација од Центропа (Centropa) за Европа. Организатори на семинарот се Фондот на холокасут на Евреите од Македонија и Центропа( Centropa). Учесниците имаа можност да ја посетат Еврејската заедница и да ја видат Синагогата „Бет Јаков“,ја посетија постојаната поставка, активно учествуваа во работилниците кои ги водеа кординаторите за Балкан од Србија, Хрватска, Словенија и Македонија. Гледаа филмови кои се наменски направени за потребите на наставните програми, а се наоѓаат на WEB страната на Centropa. Во работилницата „Пазар на идеи“ се работеше на поврзување на филмот на Centropa „Другиот Пат“ со роман од Иво Андриќ, искуства за користење на филмот на Centropa за Рифка и Елвира во наставата и Centropa како основа за поврзување на учениците од Македонија со нивни врсници од државите на поранешна Југославија. Зборуваа за децата во холокаустот и изработуваа роденденски честитки за сите непрославени родендени. Наставниците го гледаа фимот на Centropa „Преживување во Сараево“. Овој филм ја раскажува приказната за тоа како хуманитарната организација на еврејската заедница од Сараево, „Ла Бенаволенција“ им помагаше на жителите на Сараево за време на опсадата во 1992-1995, без оглед на нивната вера. Претставник на Агенцијата за предучилишно, основно и средно образование во Босна и Херцеговина, зборуваше за тоа како овој филм се користи во наставата. Учесниците дискутираа и даваа свои идеи и предлози за примена на филмот во наставата. Учесниците ја разгледаа и изложбата „Изгубениот сефардски свет на Евреите од Балканот“, која е составена од архивски фотографии на Centropa и фотографии од библиотечни колекции, и е посветена на сефардските еврејски заедници од Западниот Балкан. Беа гледани и други филмови на Centropa, „Другиот Пат“ кој ја раскажува приказната за пристигнувањето на Евреите на Балканот и „Епилог - оние кои ги изгубив“. Учесниците работеа во групи и изработуваа наставен план за примена на филмот во наставата. Секоја група го презентираше сработеното, се разменија искуства од практичната работа и секако контакти за да можат во иднина да соработуваат и креираат заеднички проекти. Семинарот финансиски го поддржаа Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Центропа (Centropa), Claims Conference, Американската амбасада во Скопје и Австриската амбасада во Скопје.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација