Република Македонија примена како придружена членка во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот
На пленарните состаноци на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА) кои се одржаа во периодот од 2-5 декември 2019 година, во Луксембург, едногласно беше усвоена одлуката за подигнување на статусот на Република Македонија од земја набљудувач, во придружена земја, а како преодна фаза кон полноправно членство. Делегацијата на Македонија предводена од амбасадорот Јован Теговски, Национален координатор за ИХРА, ја претстави апликацијата во која што се посочени резултатите и активностите во областите на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот во нашата земја. Апликацијата беше мошне позитивно оценета од државите членки на ИХРА и беа искажани највисоки оценки за напорите и реализираните активности во овие области. Македонија во текот на фазата која ќе води кон полноправно членство, согласно правилата на ИХРА, се определи за Република Грција и Република Австрија како за држави ментори. На пленарните состаноци, помеѓу другото, беше донесена одлука за прием на Португалија во полноправно членство во ИХРА и беше усогласен текстот на министерската декларација на ИХРА по повод 20 години од Стокхолмската декларација. Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот е меѓу-владина организација која претставува платформа каде што претставниците на владите на нејзините земји членки, национални и меѓународни експерти разменуваат идеи и искуства во врска со политиките и конкретните активности на планот на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот. Организацијата добива се позасилена улога во меѓународни рамки и претставува силен институционален механизам во справувањето со се почестите појави на антисемитизмот, негирањето и искривоколчувањето на холокаустот, говорот на омраза, дискриминацијата, ксенофобијата, расизмот и др. Во ИХРА членуваат 34 држави, најголем број земји членки на ЕУ, како и САД, Израел, Канада, Аргентина, Австралија и др. Подигнувањето на статусот на Република Македонија во ИХРА претставува валоризирање на политиките на Владата и воопшто нејзиниот ангажман во полето на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, борбата против антисемитизмот, негирањето на холокаустот и другите форми на кршење на човековите права.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација