Промоција на обработената книга „Дневникот на Ана Франк“


Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија заедно со издавачкиот центар Херои, по поводот 75 годишнината од возобновувањето на работата на Еврејската заедница во нашата земја издаде обработено издание на книга која пред 70 години ја остави Ана Франк. Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше промовирана обработената верзија на книгата „Дневникот на Ана Франк“. Во присуство на голем број ученици од гимназијата „Орце Николов“, ученици од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ интерпретираа извадоци од книгата. На присутните им се обратија Жаклина Мучева од Меморијалниот центар и Тамара Димитрова од Издавачката куќа Херои, а присутните ги поздравија и професорот Душко Стојановски и неговите ученички од Орце Николов: Мелани, Ана, Лина и Деница кои ја обработија приказната за Ана Франк, со илустрации од нивните соученички Огнена и Бисера. Раскажуваа за своите искуства со ваква за нив нова активност и како тие сега поинаку ја доживуваат книгата и холокаустот. Со читањето книги се запознаваме со историските ликови и случувања кои учествувале во обликувањето на денешниот свет, во кој живееме. Запознавајќи ги нив со сите нивни позитивни и негативни страни ние го градиме својот карактер и вредности и учествуваме во создавањето на идното општество кое им го оставаме на идните генерации. За да им оставиме подобро опшество на следните генерации ние треба да ги запознаеме и анализираме ликовите кои со своите секојдневни дејства и активности ни оставаат примери кој треба да ги осудуваме, но и да ги поддржуваме. Затоа препорачуваме оваа книга да биде дел од сите домашни библиотеки и со внимание да се прочита. Книгата се продава во сите трафики во Македонија, во Меморијалниот центар и книжарницата на Херои за само 100 денари.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN